• сабота, 23 ноември 2024

Митрески ја презеде функцијата претседател на Собранието

Митрески ја презеде функцијата претседател на Собранието

Скопје, 26 јануари 2024 (МИА) – Во Собранието попладнево се изврши примопредавањето на функцијата претседател на Собранието помеѓу стариот и нов спикер, Талат Џафери и Јован Митрески.

По примопредавањето, досегашниот спикер и премиер на на техничката влада Џафери во изјава за медиумите на Mитрески и посака здравје и успешна работа во понатамошниот тек на функционирањето на Собранието.

Потенцира дека не се сомнева оти соодветно Митрески ќе одговори на фунцијата, на должноста и на одговорноста која произлегува од функцијата.

-Му честитам на изборот и не се сомневам дека соодветно ќе одговори на фунцијата, должноста и на одговорноста која произлегува од таа функција. Без оглед што времето некој го смета 100 дена, иниституцијата е и еден и една секунда институција и значењето значи до последниот момент на функционирање, на што не се сомневам. Го информирав дека програмските активности, она што треба да биде делокруг на работа на Собранието во оваа година, спрема законите постоечки навремено се подготвени, потпишани и однесени. На оперативните и планирачките нешта, законите се подготвени и може да настапат во реализација на истата. Спрема условите, имаме краток рок до распишување на избори, но тоа е веќе надлежност на претседателот, рече Џафери.

Џафери нагласи дека со новиот Деловник создавале предуслови да нема немили ситуации изминативе години.

-Ми беше мило да имавме прилика во овие скоро седум години да ги соживееме и доживееме сите настани кои ни се случија, со желба да не ни се повторуваат никогаш повеќе. Сметам дека работевме на тоа. Со новиот Деловник создадовме предуслови да нема такви ситуции и помирни води од наредниот мандат. Тоа е суштината, рече Џафери.

Новиот спикер Јован Митрески соработката со Џафери ја оцени како добра и посочи дека по случувањата во април 2017 година било овозможено нормално функционирање на законодавниот дом. Митрески рече дека во изминатиот период исто така била професионализирана собраниската служба.

-Мислам дека во нашиот мандат успеавме да постигнеме да овозможиме нормално функционирање на Собранието, исто така успеавме взаемно и паралелно со менаџментот, потпретседателите, координаторите, генералната секретарка, замениците генерални секретари и да ја професионализираме собраниската служба, да обезбедиме независност на собраниската служба како една од службите на еден дом кој носи голема тежина. Секако тој процес неодамна го заокруживме со процесот Жан Моне и со постигнување на договор каде успеавме за првпат после долг период да постигнеме консензус за носење на нов деловник. Тоа го направивме исто така благодарение на упорноста на претседателот Џафери и целиот менаџмент на Собранието, изјави Митрески.

Тој се заблагодари за укажаната доверба од страна на пратениците.

-Сакам да им се заблагодарм на пратениците за укажаната доверба. Секако, останувам отворен за соработка и за оние пратеници кои не ја дадоа довербата, можам да кажам дека имаат подадена рака, се додека чувствувам, додека гледам, слушам дека тоа е исклучиво во интерес на граѓаните и државата, бидејќи на крајот ние сме избрани од граѓаните и наш врвен приоритет треба да ни бидат граѓаните и државата, порача Митрески.

Претседателот Стево Пендаровски денеска во 15:00 часот, ќе му го врачи мандатот на Талат Џафери, за состав на преодна Влада за спроведување на избори на пратеници.

Седницата за избор на преодната Влада, чиј состав е веќе познат, треба да биде закажана за недела 28 јануари.фф/свс/

Фото: МИА

Остани поврзан