• сабота, 09 ноември 2024

Јавниот обвинител на САД сведочи во Конгресот 

Јавниот обвинител на САД сведочи во Конгресот 

Вашингтон, 28 јули 2020 (МИА) Јавниот обвинител на САД, Вилијам Бар, денеска сведочи пред Комитетот за правда при Претставничкиот дом на американскиот Конгрес, во вжештена дебата меѓу демократите и републиканците законодавачи, за тоа како власта се справува со протестите во земјата и со криминалните случаи на луѓе блиски на претседателот Доналд Трамп. 

Сослушувањето трае со часови и се уште не е завршено.  

Главните поенти досега кажани се нападот на демократите врз Бар поради употребата на прекумерна сила на федералните органи за безбедност во сузбивање на протестите против расизмот и полициската бруталност што во САД започнаа по убиството на Афроаемериканецот Џорџ Флојд при крајот на мај.  

Републиканците и демократите, секој бранејќи ја својата позиција, пуштија видео снимки од протестите за да укажат кој е во право. Републикацните посочуваа на манипулација на демонстрациите со инфилтратори и провокатори, и го бранеа ставот дека е опасно да се бара расформирање на полицијата и прекин на парите за нејзино функционирање во услови на загрозена безбедноста на граѓаните и приватната сопственост. 

Во текот на сослушувањето, демократите го критикуваа јавниот обвинител за интервенцијата во случајот со Роџер Стоун, со тоа што тој побара пократка затворска казна за него, а веднаш потоа Трамп го помилува неговиот долгогодишен соработник. Бар беше обвинет дека правел така како што од него побарал од Трамп, а против судските решенија и словото на законот.

Демократите исто така побараа одговори околу ставовите на Бар во однос на истрагата на специјалниот обвинител Робарт Малер за вмешаноста на Русија во изборите во 2016 година. Тие побараа детални информации за надзорот што Министерството за правда го вршел врз истрагата на Малер. 

Бар досега беше испрашуван и за тоа зошто го поддржал повикот на Трамп дека гласањето по пошта на претстајните избори во ноември може да биде подложно на измами. Со ваквиот пристап на јавниот обвинител а во услови на пандемија, демократите стравуваат од ниска излезност или ограничување на пристапот до гласачките места.  

Поради коронавирусот што моментално беснее во САД, изборните органи предвидуваат многу поопсежно гласање по пошта, на што Трамп се пожали дека тоа ќе биде злоупотребено за местење на изборите во негова штета. Бар пак, во повеќе наврати, на пример во интервјуа за Њујорк тајмс и Фокс њуз, изрази сомнежи, а без да прикаже докази, дека странска земја може да се ангажира во неконтролиран фалсификат на безброј гласачки ливчиња. кб/

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан