• сабота, 23 ноември 2024

Хоти: И по Четири години од Вашингтонскиот договор, Косово сé уште не успеа да реализира важни проекти

Хоти: И по Четири години од Вашингтонскиот договор, Косово сé уште не успеа да реализира важни проекти

 Приштина, 22 ноември 2024 (МИА) – Американската стопанска комора во Косово (АСКК/AMCHAM) одржа денеска тркалезна маса по повод четвртата годишнина од, како што го оценува, историскиот договор за економска нормализација меѓу Косово и Србија, постигнат во Вашингтон со посредство на тогашниот претседател на Соединетите Американски Држави, Доналд Трамп, јави дописникот на МИА од Приштина.

Поранешниот премиер Авдула Хоти, кој тогаш го потпиша договорот со претседателот на Србија, Александар Вучиќ, рече дека, иако поминаа повеќе од четири години, Косово сé уште не успеало да реализира важни проекти кои би имале влијание врз економијата на земјата.

Тој нагласи дека во времето кога беше премиер соработувал со сојузниците „за да може Косово да оди напред во однос на интеграциите и да го постигне конечниот договор со Србија“, додека сега Косово се третира од сојузниците „како безбедносен проблем“.

Хоти рече дека не се чини оти може да се постигне договор со Србија во блиска иднина и затоа, според него, Косово треба да се фокусира на економскиот развој.

„Ние тесно соработувавме со сојузниците, со цел косовското прашање да биде предизвик за евроатлантските интеграции, а не безбедносен предизвик. Сега се плашам дека овие години се вративме на нултата точка каде Косово на масата на сојузниците се третира како безбедносен проблем. Нема повеќе дијалог за меѓусебно признавање... Денес, во 2024 година, сметам дека треба да бидеме на врвот на инвестициите и во железницата и во патиштата... Овие проекти не се откажани, но изгубивме многу драгоцено време. Верувам дека по наредните избори ќе се вратиме на оваа агенда. Се чини дека не можеме да се договориме со Србија во блиска иднина, па затоа мора да се фокусираме на економијата на земјата“, рече Хоти.

Актуелниот пратеник на опозицискиот Демократски сојуз на Косово во републичкото Собрание смета дека новата администрација на Трамп ќе има попрагматичен пристап кон дијалогот Косово-Србија.

„Не верувам дека овој пристап може да ги поткопа достигнувањата што ги имавме досега. Тоа значи туркање на двете страни да влезат во аранжмани кои го менуваат пристапот на двете земји во постигнувањето на конечниот договор“, рече Хоти.

Директорот на АСКК, Аријан Зека рече дека Комората во текот на овие години продолжила да ги поддржува одредбите од Вашингтонскиот договор.

„Никогаш досега не се случило таков договор да биде посредуван од САД и потпишан во една од важните институции. Горди сме што Американската комора во тоа време и низ овие години продолжи да ги поддржува одредбите од Вашингтонскиот договор. АСКК организира активности за усогласување на бизнисите на Косово со оние на Србија“, рече Зека.

Остани поврзан