Украина објави дека руската ракета истрелана кон градот Дњепар развила брзина поголема од 3.773 метри во секунда
- Киев денеска соопшти дека новиот тип хиперсонична балистичка ракета лансирана вчера од Русија во украинскиот град Дњепар летала околу 15 минути и има развиено максимална брзина над 11 степен според маховиот број (што е еднакво на 3.773 метри во секунда), јавија светските агенции, цитирајќи ја Главната управа за разузнавање на Украина.
Киев, 22 ноември 2024 (МИА) - Киев денеска соопшти дека новиот тип хиперсонична балистичка ракета лансирана вчера од Русија во украинскиот град Дњепар летала околу 15 минути и има развиено максимална брзина над 11 степен според маховиот број (што е еднакво на 3.773 метри во секунда), јавија светските агенции, цитирајќи ја Главната управа за разузнавање на Украина.
„Времето на летот на оваа руска ракета од моментот на лансирање од рускиот регион Астрахан до градот Дњепар беше 15 минути“, се вели во соопштението на Главната управа за разузнавање на Украина.
„Ракетата беше опремена со шест боеви глави, од кои секоја имаше дополнителна муниција. Во последната фаза од летот беше развиена брзина над 11 маха“, се вели и во пораката на главната украинска разузнавачка служба.
Главната управа за разузнавање на Украина наведува дека оружјето насочено кон градот Дњепар „најверојатно е дел од рускиот ракетен комплекс „Кедер“.
Првично Киев претпоставуваше дека Русија лансирала интерконтинентална балистичка ракета, но претставниците на САД и НАТО ја потврдија дефиницијата дадена од Путин - балистичка ракета со среден дострел, потсетуваат светските агенции.
Украинското Министерство за надворешни работи вчера ја повика меѓународната заедница веднаш да реагира на лансирањето на руската ракета. Поради нападот НАТО на 26 ноември свика итен состанок со Украина во нејзиното седиште во белгискиот главен град Брисел. рп/
Фото: МИА архива