• сабота, 23 ноември 2024

Трајков: Потребна е поголема апсорпција на средства за клучните инфраструктурни инвестиции 

Трајков: Потребна е поголема апсорпција на средства за клучните инфраструктурни инвестиции 

Скопје, 4 ноември 2024 (МИА) - Заменик-министерката за европски прашања Викторија Трајков денеска оствари средба со Орхидеја Каљошевска, експертка за европски фондови и консултантка во областа на инфраструктурните инвестиции и економскиот развој на Западен Балкан. На средбата стана збор за иницијативите во рамки на Инвестициската рамка за Западен Балкан, а фокусот, како што информираат од Кабинетот на Трајков, беше ставен на можностите за економско зајакнување на регионот преку поддршка на инфраструктурни проекти, подобрување на транспортните и енергетските мрежи, како и зголемување на регионалната интеграција и конкурентност.

-Ги идентификувавме приоритетни области за инвестиции, што би можело да привлече дополнителни средства од меѓународни финансиски институции и да овозможи побрза интеграција на Македонија во Европската унија. Целта на ваквите средби е да се детектираат сите предизвици во насока на поголема апсорпција на средства за клучните инфраструктурни и приоритетни инвестиции. Работиме неуморно за подобар животот на граѓаните во Македонија, за создавање можности за бизнис, за зголемување и забрзување на економскиот раст на регионот, истакна Трајков по завршувањето на средбата. 

Инструментот „Инвестициска рамка за Западен Балкан (ВБИФ) го поддржува социо-економскиот развој и пристапување во ЕУ на земјите од Западен Балкан преку обезбедување финансии и техничка помош за стратешки инвестиции, особено во инфраструктурата, енергетската ефикасност и развој на приватниот сектор. 
Инструментот Инвестициска рамка за земјите од Западен Балкан е заедничка иницијатива на Европската комисија, билатерални донатори и меѓународни финансиски институции.  Со оваа иницијатива е направен обид за спојување на средствата на ЕК, различните донатори и меѓународните финансиски институции (МФИ), во насока на финансирање на приоритетни инфраструктурни проекти во земјите од Западен Балкан. мч/са/

Фото: МИА архива

Остани поврзан