• сабота, 23 ноември 2024

Сиљановска Давкова прими ученици од ООУ „Конгреси и Манастирит“ во пресрет на 22 Ноември – Денот на aлбанската азбука

Сиљановска Давкова прими ученици од ООУ „Конгреси и Манастирит“ во пресрет на 22 Ноември – Денот на aлбанската азбука

Скопје, 21 ноември 2024 (МИА) - Претседателката на државата Гордана Сиљановска Давкова, во пресрет на 22 Ноември – Денот на aлбанската азбука, денеска примила ученици и наставници од општинското основно училиште „Конгреси и Манастирит“ од Скопје.

На средбата учениците ја запознале претседателката Сиљановска Давкова со нивните интереси, лични амбиции и афинитети во тековниот образовен развој, а имале и можност непосредно да се информираат за работата, како и за предизвиците што произлегуваат од претседателската функција.

- Претседателката Сиљановска Давкова ја истакна важноста на заштитата и унапредувањето на правата на децата и на квалитетната едукација и образование, со што ќе се продуцираат висококвалификувани, амбициозни и среќни млади луѓе, коишто се иднината на секоја држава. Во таа насока, Претседателката им порача на учениците да веруваат во себе, да бидат чесни и несебични, посветено да пристапуваат кон остварување на своите желби и соништа, соопштија од Кабинетот на Сиљановска Давкова.

Во разговорот со учениците и наставниците од училиштето „Конгреси и Манастирит“, претседателката Сиљановска Давкова упатила честитки по повод Денот на албанската азбука - 22 Ноември, нагласувајќи ја клучната улога на наставниот кадар во креирањето квалитетен, ефективен и инспиративен едукативен процес.

За време на престојот во Кабинетот, учениците ги разгледале просториите во кои се реализираат настани, средби и свечености, се информирале за начинот на функционирање на институцијата, како и за надлежностите на Претседателот во македонскиот државен и политички систем. цр/ев

Фото: Кабинет на претседателката на државата Гордана Сиљановска Давкова

Остани поврзан