САД: Израел постигна важни цели во Либан
- Американската влада синоќа соопшти дека Израел постигнал некои важни цели во својата борба против милицијата Хезболах во Либан и оти може се ближи крајот на војната, пренесе ДПА.
Тел Авив, 21 ноември 2024 (МИА) – Американската влада синоќа соопшти дека Израел постигнал некои важни цели во својата борба против милицијата Хезболах во Либан и оти може се ближи крајот на војната, пренесе ДПА.
- Она што го видовме е дека Израел постигнува голем број важни цели, рече портпаролот на американскиот Стејт департмент Метју Милер синоќа на брифинг во Вашингтон.
- Видовме дека Израел, во текот на последните неколку месеци, навистина е доста ефикасен во расчистувањето на инфраструктурата на Хезболах блиску до границата, поради што веруваме дека сме на позиција во која можеме да постигнеме дипломатско решение, додаде Милер.
Ова ќе им овозможи на либанските вооружени сили да патролираат во пограничната област за да го спречат Хезболах да се врати таму.
Американскиот посредник за Блискиот Исток Амос Хохштајн во моментов се обидува да ги унапреди разговорите за прекин на огнот на терен.
Хохштајн вчера пристигна во Израел, каде што треба да се сретне со премиерот Бенјамин Нетанјаху, јавуваат медиумите.
Хохштајн, кој беше во Бејрут, се очекува да го претстави американскиот нацрт-договор за прекин на огнот што ќе стави крај на тековната војна меѓу Израел и милицијата Хезболах во Либан. Тој денеска треба да се сретне со Нетанјаху.
Хезболах, наводно, го смета американскиот нацрт како основа за понатамошни преговори.
Хохштајн, кој посредуваше во преговорите меѓу завојуваните страни, вчера рече дека разговорите за прекин на огнот меѓу Израел и Хезболах постигнале дополнителен напредок по средбата со претседателот на либанскиот парламент, Набих Бери, кој преговара во име на Иран – кој ја поддржува милитантна група.
- Денешниот состанок се надоврза на вчерашниот состанок и постигнат е дополнителен напредок, рече Хохштајн.
Со недели во медиумите кружат детали за американски предлог за прекин на огнот.
Според либански безбедносни извори, американскиот предлог предвидува Израел и Хезболах првично да ги прекинат непријателствата на 60 дена. Во овој период, израелската војска треба да се повлече од Либан, а либанските вооружени сили треба да бидат распоредени долж границата.
Доколку се одржи прекинот на огнот, по 60 дена ќе се очекува Израел и Либан да одржат преговори за целосно спроведување на резолуцијата 1701 на ОН.
Со Резолуцијата само на либанската армија и мировните трупи на ОН им се дава овластување на за областите јужно од реката Литани, на околу 30 километри од де факто границата со Израел. јт/
Фото: МИА архива