• недела, 24 ноември 2024

ПП Левица: Ромите континуирано се најдискриминираната етничка група

ПП Левица: Ромите континуирано се најдискриминираната етничка група

Скопје, 20 јули 2024
 
Неодамна објавените резултати од годишната публикација на „Балкански барометар“ која го истражува јавното мислење во Македонија за 2023 година квантификува една катастрофална состојба која, впрочем, се чувствува и е институционално потврдена во однос на општествените предрасуди и системската дискриминација кон ромската заедница во Македонија.
 
Според сите скали за мерење на социјална дистанца користени во истражувањето (дали би прифатиле Ром за член на семејството, дали би работеле со Ром и сл.), евидентни се и предрасудите кон ромската заедница од страна на сите останати заедници, кои понатаму резултираат со дискриминација - нешто што го има и потврдено и пресуда на Европскиот суд за човекови права во Стразбур.
 
Во Република Македонија во „борбата против дискриминација на Ромите“ усвоена е и „Стратегија за инклузија на Ромите“, одржани се енормен број на панел - дискусии од кои произлегле огромен број на публикации, отворени се разни државни институции и агенции, па дури и министерство без ресор. Сето тоа чини милиони евра, но случајно или не, не е забележано никакво подобрување во интеграцијата на Ромите. 
 
Причините за целосната неинтеграција на Ромите се многубројни, имено: отворените институции служат примарно за вработување на нестручни партиски кадри. Идеологијата на буржуазијата за мултукултурализмот целосно пропадна, водејќи повеќе кон сегрегација отколку интеграција; ,,претставниците” на Ромите во Македонското собрание и во Владата се системски колаборатори кои се богатат од партиски калкулации, додека ромската заедница во Македонија останува убедливо најдискриминираната заедница во државата, и, можеби, најважното - на капитализмот секогаш ќе му биде потребен лумпенпролетеријат, односно една „подкласа“, која во Македонија е претставена преку ромската заедница. 
 
Единствено, Политичката партија Левица нуди решение за системската неправда извршена врз Ромите, надвор од буржујско-либералната мултикултурна матрица на „позитивна дискриминација“ и „интеграција“ преку квоти, а тоа е создавање на нов интеркултуралистички општествен вредносен систем, основан врз солидарност, рамноправност, братство и единство.

Со почит,
Сектор за медиуми и односи со јавност на ПП Левица

Фото: ПП Левица

__________________________________________________________

МИА овие текстови ги објавува во интегрална и оригинална форма и не е одговорна за нивната содржина, ниту за евентуалните правописни недоследности или печатни грешки.

Остани поврзан