• четврток, 26 септември 2024

Мицотакис ја доби наградата „Глобален граѓанин“ за 2024 година од Атлантскиот совет

Мицотакис ја доби наградата „Глобален граѓанин“ за 2024 година од Атлантскиот совет

Атина, 24 септември 2024 (МИА) – Грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис ја доби наградата „Глобален граѓанин“ („Global Citizen“) за 2024 година од Атлантскиот совет и посочи дека „наградата, пред сè, му припаѓа на грчкиот народ за неговата издржливост и истрајност и за она што го постигна во последните години“, јави дописничката на МИА од Атина.

Станува збор награди што се доделуваат секоја година за време на Генералното собрание на Обединетите нации во Њујорк, а добитниците се поединци кои дале исклучителен и карактеристичен придонес во зајакнувањето на трансатлантските односи.

Оваа година, освен грчкиот премиер, наградени беа и претседателот на Гана Нана Акуфо Адо, италијанската премиерка Џорџија Мелони и заменик-претседателката на јужнокорејската компанија „CJ Group“ Мики Ли.

Наградата на грчкиот премиер му ја додели извршниот директор на „Фајзер“, Алберт Бурла, а во кусото обраќање Мицотакис рече дека „грчкото искуство може да е важно и за други земји“ и она што го постигнале „може да има влијание надвор од нашите граници“, не само од геополитички причини, како што рече, туку и затоа што во Грција успеале да „покажат дека може да се владее од политичкиот центар“, да се биде за раст, а во исто време и „фискално дисциплиниран“.

- Не се сите прашања идеолошки. Мислам дека наша одговорност како лидери е да бараме ефективни решенија и каде што можеме да ги наоѓаме. На крајот, ќе нè оценат по тоа колку го подобруваме животот на граѓаните. Нема да нè оценат едноставно по тоа колку сме елоквентни во нашите јавни говори, тоа не е мерката со која денес се мери политичкиот успех на еден лидер. Во овие времиња на интензивна поларизација, би сакал да истакнам дека е клучно, кога се справуваме со популисти, кои веруваат дека имаат едноставни решенија за сложените проблеми, да го препознаеме фактот дека зад овие популисти стојат реални поплаки на граѓаните, рече Мицотакис. ср/сд/

Фото: Кабинет на грчкиот премиер

Остани поврзан