• петок, 30 август 2024

Мицотакис: Се надевам дека Урсула фон дер Лајен ќе биде реизбрана за претседателка на Европската комисија

Мицотакис: Се надевам дека Урсула фон дер Лајен ќе биде реизбрана за претседателка на Европската комисија

Атина, 18 јули 2024 (МИА) – Надеж дека Урсула фон дер Лајен ќе биде реизбрана за претседателка на Европската комисија, изрази грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис при пристигнувањето на четвртиот Самит на Европската политичка заедница, истакнувајќи дека е важно „во овие тешки времиња да постои континуитет, стабилност и искуство на чело на ЕК“, јави дописничката на МИА од Атина.

Мицотакис се осврна и на кипарското прашање, посочи дека за два дена, на 20 јули, „ќе се навршат 50 години од турската инвазија на Кипар, која доведе до окупација на една третина од островот“.

-Станува збор за последната поделена европска територија. Се надевам дека ова прашање конечно ќе се реши и дека дискусиите меѓу двете заедници ќе продолжат под покровителство на Обединетите нации, секогаш во согласност со резолуциите на Советот за безбедност, кои ја поставуваат рамката за решавање на овој долгогодишен проблем, рече грчкиот премиер.

Во однос на миграцијата, нагласи дека Европската унија многу повеќе се фокусираше на прашањето за заштита на надворешните граници, што според него е „правилен приоритет“, објасни дека е потребна соработка со земјите на потекло, со земјите на транзит, со цел да се намали нелегалната миграција и акцентот да биде на легалните миграциски рути, паралелно споменувајќи ја како пример „конструктивната соработка на Грција со Турција“. ср/

Фото: Кабинет на грчкиот премиер

Остани поврзан