• сабота, 23 ноември 2024
МИА Флеш

   16 октомври 2024

 

 

Скопје - Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски денеска остварил прва средба со амбасадорот на Финска со седиште во Белград, Никлас Линдквист.Од МНРНТ соопштија дека министерот Муцунски изразил задоволство што над 30 години, двете земји градат партнерски односи и активен политички дијалог, споделувајќи заеднички стратешки интереси за траен мир, стабилност и просперитет.

Скопје – Министерот за правда Игор Филков во отчетот за сто дена Влада соопшти дека се поставени темелите за реформи во судскиот систем кои, рече, треба да бидат длабоки, суштински и влијателни со оглед на тоа што судството е областа каде државата имаше најмногу критики и поради коментарите за зголемена корупција во правосудните институции.

-Затоа и со право се големи очекувањата на граѓаните и факт е дека за правото и правдата нѐ очекува многу работа. Патот не е лесен, но решени сме да одиме, во изминатите сто дена ги поставивме темелите, истакна Филков на прес-конференција. 

Скопје – Нема да бидат површни туку сеопфатни и отворени за сугестии и критики од сите релевантни чинители дискусиите што ќе ги иницира Министерството за правда за законите за Судскиот совет и за Јавното обвинителство, со цел да се создаде решение што ќе гарантира независност на овие институции,  рече министерот Игор Филков на прес-конференција по повод сто дена Влада.

Информираше дека јавните дебати ќе почнат идниот месец и нивна цел ќе биде да се најде најприфатливо решение, нагласувајќи дека  Судскиот совет и Јавното обвинителство „мора да бидат ослободени од каква било форма на политичко мешање и да функционираат единствено во служба на правдата“.

Скопје - Министерот за правда Игор Филков на денешната прес-конференција информираше дека документот со препораките од Оценската мисија на Европската комисија бил земен од претходниот министер за правда. Нагласи дека за ова во тек е постапка и дека ќе се бара одговорност.

Скопје - Министерот за европски прашања, Орхан Муртезани, денеска остварил средба со Давид Оберхубер, регионален програмски директор при Германското друштво за меѓународна соработка (GIZ), на која се разговарало за тековниот статус на неколку клучни проекти кои се дел од германската развојна соработка.

Во фокусот на разговорите биле билатералниот проект „Поддршка на преговарачките структури за интеграција во ЕУ на Северна Македонија“ и регионалниот проект „Регионална соработка за ЕУ интеграција“.

Скопје - По поднесена кривична пријава од Министерството за внатрешни работи против три лица во врска со оружениот инцидент кој се случи на 14 октомври на булеварот „Христијан Тодоровски Карпош“ во Чаир, Основното јавно обвинителство Скопје за нив поведе постапка за кривично дело „учество во тепачка“ од член 132 став 1 од Кривичниот законик.

Како што соопшти денеска Јавното обвинителство, за двајца од нив надлежниот јавен обвинител поднесе предлог за определување мерка притвор до Основниот кривичен суд Скопје, додека еден осомничен во моментов е во бегство и е недостапен на органите на прогонот.

Скопје - Зајакнување на соработката и спроведување реформски политики за олеснување на легалната трговијата ќе придонесе за подобрување на условите за водење бизнис и зголемување на трговската размена помеѓу РС Македонија и Грција. Ова беа темите на кои се дискутираше на средбата помеѓу директорот Бобан Николовски и заменик директорот Гарип Каба со советник за економски и трговски прашања при амбасадата на Република Грција, Дукас Маринополус и секретарот за економски и трговски прашања Василис Гаѕарас.

Скопје - Цената на парното греење во Скопје ќе биде стабилна до следното лето, освен ако не се случи драматична промена на цената кај природниот гас, порача денеска претседателот на Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) Марко Бислимоски и додаде дека сепак не очекува да има никакви промени. 

- Сега ние во пресметките сме влезени со цена на природниот гас од околу 40-ина евра за мегават час, ако отиде екстремно високо тогаш може да разговараме за зголемување на цената на парното, но, не верувам дека ќе имаме такви драстични промени, така што за цената на парното не очекувам никакви промени, изјави Бислимоски на паузата на состанокот на Експертската мисија TAIEX за транспонирање на законодавството на ЕУ за електрична енергија чиј коорганизатор е РКЕ.

Виница – Професорите и другите вработени во СОУ „Ванчо Прке“ во Виница втор ден ја бојкотираат наставата поради разрешувањето од функцијата на досегашниот директор и назначувањето нов в.д. директор, оценувајќи дека се работи за незаконска постапка.

За време на бојкотот сите професори се присутни во училиштето во текот на работното време, но воспитно-образовниот процес не се изведува во знак на протест Просветни инспектори веќе направиле вонреден увид во состојбата и разговорале со претпоставените и со вработените.

Скопје - Управата за хидрометеоролошки работи најавува дека до недела ќе преовладува променливо облачно и значително посвежо време.

Утре ќе има услови за појава на магла по одделни котлини, а во петок и сабота слаб локален дожд претежно во западните делови.

Во почетокот на следната седмица времето ќе биде стабилно и тивко со ниски утрински температури.

Скопје - Македонската асоцијација на издавачи (МАИ) годинава по четврти пат ја претставува современата македонска книжевност на 75. издание на Саемот на книгата во Франкфурт, што се одржува од 16 до 20 октомври.

Претставувањето на современата македонска книжевност на најголемиот светски саем во областа на издаваштвото оваа година е под мотото „Одеци на минатото, гласови на иднината“, соопшти МАИ.

Земјава оваа година има промотивен штанд од 32 квадратни метри, кој е сместен во четвртата хала за меѓународни учесници. Современата македонска книжевност ќе ја промовира делегација на МАИ, составена од седуммина членови.

Скопје - Единицата за недозволена трговија при СВР Скопје поднела кривична пријава против В.А.(48) од Скопје поради постоење основи на сомнение за сторени кривични дела „неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје или распрскувачки материи“ по член 396 и „неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурзори“ по член 215 од Кривичниот законик.

Босилово - Во Општина Босилово денеска се одржа хуманитарно-еколошка акција за собирање облека и текстилен отпад.

Како што информираше градоначалникот Ристо Манчев, целта на акцијата е старата и износена облека наместо да завршува на депониите каде тешко се распаѓа, истата да се собере и преработи, а таа со подобар квалитет ќе се подели на социјално ранливи категории граѓани.

Брисел – Во Брисел денеска беше одбележана годишнината од ланскиот терористички напад, при кој беа убиени двајца шведски навивачи, кои беа дојдени во белгискиот главен град за следење на фудбалскиот натпревар меѓу Белгија и Шведска. 

Како што јави дописникот на МИА од Брисел, одбележувањето на годишнината започна со полагање венци на местото на нападот, плоштадот „Сенктелет“, од страна на премиерите на Белгија и Шведска, Александар Де Кро и Улф Кристершон. 

Сараево - Иако последниве неколку дена имаше апсења на неколку малолетни лица, денеска на адресите на училиштата во повеќе градови во Босна и Херцеговина стигнаа нови дојави за бомби.

Од Министерството за внатрешни работи на Кантонот Сараево за Klix.ba рекоа дека „постојат одредени пораки кои се предмет на проверка во однос на времето кога се испратени и кога се отворени“.

Варшава - Полскиот премиер Доналд Туск го бранеше планираниот остар став на неговата земја против мигрантите на границата со Белорусија.

На источната граница на Полска, не е случај бегалците да се појавуваат спонтано и случајно, изјави Туск.

-Овие акции се организирани на паравоен начин и сè почесто забележуваме дека во Сирија и Иран се организираат групи кои не само што се обучени за илегални преминувања на границите, туку и за однесување кое ние во НАТО мора да го класифицираме како опасно, рече Туск.

Брисел - Дванаесет земји членки на ЕУ ја повикаа Европската комисија да го поддржи создавањето енергетски интерконекции, пред се за пренос на електрична енергија, со цел за да се придонесе за намалување на цените на струјата и останатите енергенси, во услови на пазарна нестабилност.  

- Интерконекциите и прекуграничната соработка се клучни за намалување на цените на енергијата, олеснување на транзицијата, функционирање на пазарот, спречувањето на застојот во енергетската мрежа и за забрзување на декарбонизацијата, се наведува во заедничката изјава на Австрија, Германија, Грција, Данска, Ирска, Италија, Кипар, Луксембург, Малта, Португалија, Холандија и Шпанија.

Париз - Франција денеска најави дека во следните неколку недели ќе организира испорака на нови дронови-камикази на Украина. 

Францускиот министер за одбрана, Себастиен Лекорну, денеска на мрежата Х објави дека успешно е тестирана првата француска ракета со далечинско управување, наречена и дрон-камиказа.

„Испораките за Украина и нашите сили ќе започнат во наредните недели“, напиша тој. 

Киев - Речиси сите капацитети на Украина за производство на топлинска енергија се уништени од нападите на Русија со оружје со долг дострел, изјави премиерот Денис Шмихал, додавајќи дека земјата сега мора да се потпре на замени.

Шмихал рече дека Киев прави се за да ја зголеми енергетската одржливост, особено во регионите на првите линии и областите што граничат со Русија. Тој додаде дека „градовите кои зависат од големите термоелектрани се особено ранливи“, имајќи предвид дека Русија „намерно ги нападна“ овие типови објекти, „уништувајќи или оштетувајќи речиси 90 отсто од вкупното производство на топлинска енергија“ во земјата, пренесува Раша тудеј.

Атланта/Тел Авив - Израел има подготвен план да одговори на нападот што Иран го изврши врз земјата на 1 октомври, јавува денеска Си-Ен-Ен, повикувајќи се на добро информиран извор.

Си-Ен-Ен побарал коментар од израелското Министерство за одбрана, но оттаму не дале дополнителни детали во врска со планот.

Вашингтон - Американскиот претседател Џо Бајден испрати писмо до Конгресот на САД, во кое информираше за случувањата на Блискиот Исток и помошта што САД ја доделиле на Израел. Бајден во писмото до Конгресот наведе и дека САД и понатаму имаат за цел да го заштитат Израел.

Абуџа - Најмалку 94 лица загинаа, а 50 се хоспитализирани по експлозија на северот на Нигерија, која се случи кога жителите почнаа да собираат гориво кое истекло од превртена цистерна.

Експлозијата се случи откако возачот на цистерната, кој патувал од Кано до Нгуру во државата Јобе, изгубил контрола над воланот во близина на градот Маџија, соопшти нигериската телевизија Ченелс.

Токио - Рекорден број жени се кандидираа на парламентарните избори во Јапонија, кои се закажани за крајот на октомври. Сепак, тие се помалку од една четвртина од вкупниот број кандидати.

Минатата недела, новиот јапонски премиер Шигеру Ишиба, кој ја презеде функцијата на почетокот на октомври, објави дека го распушта Долниот дом на парламентот и распишува избори за 27 октомври во обид да добие поголема поддршка за неговиот мандат.

Лос Анџелес - Видеоплатформата „Јутјуб“ воведува новости „на барање“ на корисниците, па така, сега на пр. ќе може полесно да се подесува брзината на снимката, т.е. да се постави репродукција на 0,05x, наспроти 0,25x како досега, додека максимумот и натаму останува 2x. А, при рака ќе го имаме и „тајмерот за спиење“, соопшти американската компанија.

Имено, корисниците на популарната видеоуслуга ќе можат да го наместат времето на исклучување на видеата - за 10, 15, 20, 30 или 45 минути, еден час или по завршувањето на тековното видео. Овие опции, се наведува, претходно беа достапни само за претплатниците на „Јутјуб премиум“.

Хјустон - Октомвриската супермесечина е најблиску до Земјата оваа година и утре ќе го достигне својот зенит... Но, таа ќе се појави истовремено  со комета, што ќе биде ретка можност за љубителите на набљудувачите на ѕвездите и Вселената, објави НАСА.

Инаку, третата од четирите супермесечини оваа година, вечерва ќе биде 357.364 километри блиску до Земјата, што ќе ја направи уште поголема и посветла од августовската и септемвриската супермесечина. Последната, четврта супермесечина за годинава ќе се појави на 15 ноември.

Загреб - Во Хрватска минатата година се родени најмалку деца од 1991 година, а животниот век е за три години пократок од просекот на ЕУ, покажуваат податоците на Хрватскиот завод за јавно здравје (ХЗЈЗ) за природното движење на населението во 2023 година.

Според овие податоци, минатата година во Хрватска се родени 32.170 деца. Хрватска во последните три децении е една од земјите со низок наталитет - во 1997 година, на пример, во таа земја се родиле 55.501 дете, во 2000 година имало 43.746 новороденчиња, а од 2013 година и влезот на Хрватска во ЕУ, тој број падна под 40.000 и продолжи да се намалува.

Њујорк - По пауза од шест години, вчера во Њујорк, САД, се одржа модна ревија на „Викторија сикрет“. Посебно внимание привлече поранешната прва дама на Франција, Италијанката Карла Бруни која прошета на модната писта во црн корсет и црни мрежести чорапи. Тоа беше нејзиното прво и „веројатно последно“ појавување во долна облека, се пошегува таа во интервју за „Пејџ сикс“ (Page Six).

- На мои години?! Многу е возбудливо, но и многу поразително, навистина. Затоа што, знаете, никој никогаш не се навикнува да биде на модната писта без разлика колку долго го правите тоа, изјави Бруни пред шоуто.

Тагови

Остани поврзан