• сабота, 23 ноември 2024
МИА Радио флеш

  6 ноември 2024

 

Скопје - Министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска од денеска до 8 ноември ќе престојува во работна посета на Брисел, каде ќе учествува на Конференција во организација на „Пријатели на Европа“.

На Конференцијата ќе стане збор за состојбите во ЕУ и за политиките за надминување на актуелните и идните предизвици.

Скопје - Во рамки на работната посета на Прага, министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски, се сретна со министерот за европски прашања Мартин Дворжак и членови на парламентарните комисии, а во понеделникот се обрати и пред студентите на Универзитетот Њујорк, информираат денеска од Министерството.

На средбата со министерот Дворжак, што се одржала вчера, биле разменети мислења за предизвиците на европскиот пат, при што била нагласена цврстата посветеност на нашата држава кон реформската агенда, со цел отворање нова фаза во европскиот процес и постигнување целосно членство во ЕУ.

Скопје - Министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски на фејсбук упати честитки до Доналд Трамп за победата на претседателските избори во САД.

Честитки до претседателот Трамп за неговата изборна победа!  Со нетрпение очекувам да работам со мојот добар пријател Ричард Гренел и со новата администрација на Трамп за да ја унапредиме нашата заедничка визија за глобален мир и просперитет. Заедно, можеме да изградиме силни партнерства и да поттикнеме позитивни промени на меѓународната сцена, напиша Муцунски на неговиот фејсбук профил.

Скопје - Ефикасниот правосуден систем има клучна улога во владеењето на правото, заедно со квалитетот и независноста на судството, изјави министерот за правда, Игор Филков, на отворањето на 15-тата сесија на Националната конвенција на Европската унија во Република Северна Македонија.

Филков истакна дека ефикасниот правосуден систем е клучен за владеењето на правото и за борба против криминалот и корупцијата, како и за гарантирање на основните човекови права и слободи. 

Скопје - Министерот за култура и туризам, Зоран Љутков, денеска оствари средба со новиот евроамбасадор, Михалис Рокас.

На средбата, министерот Љутков потенцирал дека соработката со ЕУ e еден од најважните приоритети на Владата и на Министерството за култура и туризам. Тој истакнал дека Северна Македонија вложува значителни напори во развојот на културниот и туристичкиот потенцијал на земјава, особено на заштитата на културното наследство, при што поддршката од ЕУ во овој процес е од клучна важност за понатамошниот раст на економијата и за меѓународна промоција на земјава.

Скопје - Националната конвенција за Европската Унија во Република Северна Македонија (НКЕУ-МК) ќе ја одржи 15-та сесија на Работната група 3 „Правосудство и темелни права“ (Поглавје 23) на тема: „Пристап до правдата: Подигнување на ефикасноста на судските постапки и квалитетот на судската правда“. 

Скопје - Во последното деноноќие имало 14 пожари на отворен простор, од кои два се уште активни. Активни пожари има во општините Зелениково и Крушево.

Како што информира Центарот за управување со кризи (ЦУК), пожарот, што избувнал на 3 ноември 2024 година на букова шума во месноста „Белушки ледини“ над крушевското село Белушино, од вчера се уште е активен. Гори букова шума и сува трева. Во гаснењето на пожарот учествувале еден пожарникар со едно возило и четворица вработени од ПШС ,„Липа“ - Крушево.

Скопје - Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство (МЗШВ) соопшти дека е објавен ИПАРД Повикот за диверзификација на фарми и развој на бизниси, вреден 14 милиони евра.

Станува збор за Мерката 7, а финансиските средства се доделуваат како неповратна поддршка (грант) во износ од 60 отсто од вредноста на вкупно прифатливите трошоци на инвестициите за мерка Диверзификација на фарми и развој на бизниси. Процентот се зголемува до 70 проценти за инвестиции предложени од млади земјоделци и/или сертифицирани органски производители и за колективни инвестиции.

Скопје - Првиот вицепремиер и министер за животна средина и просторно планирање Изет Меџити упати честитки до Доналд Трамп за неговата победа на изборите за претседател на Соединетите Американски Држави.

Скопје - Лидерот на ДУИ Али Ахмети упати честитки до претседателот Доналд Трамп за неговата победа на изборите за 47-ми претседател на Соединетите Американски Држави и до американскиот народ.

-Очите на целиот свет се насочени кон Соединетите Американски Држави каде се гласаше за 47-ми претседател на водечката земја во демократскиот свет. Американските гласачи се определија за импресивно враќање на претседателот Трамп во Белата куќа во Вашингтон, вели Ахмети во честитката. 

Брисел - Изјавите во Косово дека нацрт-статутот на Заедницата на општините со српско мнозинство е само „нон-пејпер“, портпаролот на Европската унија Петер Стано ги оцени како непочитување на повикот на Советот на Европската унија, кој врз основа на овој „европски “ предлог, се движи кон формирање на Асоцијацијата.

Стано рече дека обврската на Косово е формална, таа била прифатена во дијалогот со договорите од 2013 и 2023 година, била ратификувана од косовското Собрание со двотретинско мнозинство, а предлогот „начелно“ бил прифатен од лидерите на Белград и Приштина.

Брисел – Претседателот на Советот на ЕУ, Шарл Мишел и претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен му ја честитаа победата на републиканскиот кандидат Доналд Трамп на вчерашните претседателски избори во САД. 

- Честитки до новоизбраниот претседател Доналд Трамп. ЕУ и САД имаат траен сојуз и историска поврзаност. Како сојузници и пријатели, ЕУ со нетрпение очекува да ја продолжи нашата конструктивна соработка, наведе Мишел во честитката објавена на Икс.

Берлин - Германскиот канцелар Олаф Шолц денеска му честиташе на Доналд Трамп за победата на претседателските избори во САД и порача дека двете земји ќе продолжат да работат заедно за доброто на своите граѓани.

„Германија и САД долго време успешно работеа заедно за да промовираат просперитет и слобода на двете страни на Атлантикот. Ќе продолжиме да го правиме ова за доброто на нашите граѓани“, рече Шолц на социјалната мрежа Х.

Вашингтон - Светските лидери денеска му честитаа на кандидатот на Републиканската партија Доналд Трамп по повод победата на претседателските избори во САД.

„Честитки до претседателот Доналд Трамп. Подготвен сум да работиме заедно, како што правевме четири години. Со твоите и моите убедувања, со почит и амбиција. За повеќе мир и напредок“, напиша францускиот претседател Емануел Макрон на својот профил на мрежата Х.

Британскиот премиер Кир Стармер во својата честитка истакна дека односите меѓу Велика Британија и САД ќе продолжат успешно да се развиваат, истакнувајќи дека „со нетрпение очекува соработка со Трамп во наредните години“.

Премиерката на Италија, Џорџа Мелони, во својата честитка напиша дека Италија и САД се „сестрински земји“.

Москва - Портпаролката на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова денеска изјави дека изјавите на Доналд Трамп за прекин на конфликтот во Украина мора да бидат проследени со конкретни чекори. 

Захарова за телевизијата „Русија 24“ изјави дека изјавите на Трамп мора да бидат проследени со конкретни активности на кои ќе се фокусираат сите страни. 

Вашингтон - Реакции од целиот свет откако „Фокс њуз“ ја објави предвидената победа на републиканецот Доналд Трамп во државата Пенсилванија.

-Честитки за новоизбраниот претседател на Соединетите Американски Држави. Господ нека ве благослови и води, напиша претседателот на Салвадор, Наиб Букеле на „Х“.

Унгарскиот премиер Виктор Орбан, кој отворено го поддржа обидот на поранешниот претседател Трамп да се врати во Белата куќа, на Фејсбук истакна дека Трамп е „на пат кон убава победа“.

Ерусалим - Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху денеска го изрази своето задоволство од успехот на Доналд Трамп на претседателските избори во САД и му честиташе на републиканскиот кандидат за „најголемото враќање во историјата“.

„Вашето историско враќање во Белата куќа нуди нов почеток за Америка и моќна посветеност на големиот сојуз на Израел и Америка. Ова е огромна победа!“, порача израелскиот премиер во пораката до Трамп.

Киев - Украинскиот претседател Володимир Зеленски денеска му ја честиташе победата на изборите на републиканскиот кандидат за претседател на САД, Доналд Трамп и рече дека верува во продолжувањето на силната поддршка на оваа земја за Украина.

„Се радуваме на ерата на силни САД под водство на претседателот Трамп. Веруваме во продолжување на силната, двопартиска поддршка за Украина во САД“, рече тој, пренесува Укринформ.

Газа - Високиот функционер на Хамас, Сами Абу Зухри, изјави дека републиканскиот кандидат Доналд Трамп, кој денеска победи на претседателските избори во САД, ќе биде тестиран за неговите тврдења дека може да ја заврши војната во Газа за неколку часа по преземањето на функцијата.

-Го покануваме Трамп да научи од грешките на претседателот Џозеф Бајден, рече Абу Зухри.

Доналд Трамп денеска прогласи победа на претседателските избори во САД.

Пекинг - Претседателските избори во САД се внатрешно прашање на оваа земја, а Кина го почитува изборот на американскиот народ, изјави денеска портпаролката на кинеското Министерство за надворешни работи Мао Нинг.

„Нашата политика кон САД е конзистентна, ќе продолжиме да ги согледуваме кинеско-американските односи и да управуваме со нив врз основа на принципите на меѓусебно почитување, мирен соживот и заемно корисни акции“, рече Мао.

Манчестер - Манчестер сити претрпе три порази во низа за прв пат од април 2018 година.

„Граѓаните“ синоќа беа поразени во 4. коло во Лигата на шампионите од Спортинг (1:4). На 31 октомври, тимот на Пеп Гвардиола загуби од Тотенхем (1:2), а на 2 ноември од Борнмут (1:2) во натпреварите од Премиер лигата.

Остани поврзан