• сабота, 23 ноември 2024
МИА Радио флеш

  5 ноември 2024

 

Скопје - Фондацијата Конрад Аденауер во соработка со Министерството за надворешни работи и надворешна трговија, како и поддршка на нашата сестринска фондација од Брисел, Центарот за Европски студии Вилфред Мартенс организира конференција на високо ниво, по повод одбележување на 75-годишнината од формирањето на Алијансата „НАТО - 75 Години единство, соработка и колективна одбрана: Безбедносни предизвици за Европа“.

Настанот, како што соопшти Фондацијата, ќе се одржи во големиот амфитеатар на Министерството за надворешни работи и надворешна трговија.

Скопје - Сообраќајот на магистрален пат Скопје – Граничен премин Блаце (БП Дизел) се пренасочува, соопшти утрово АМСМ.

Пренасочувањето е поради технички проблеми на терминалот од косовска страна. 

Скопје - Во Скопје денеска ќе се одржи 20та Меѓународна конференција е-Општество.мк, со која едновремено ќе се прослави и јубилејот 20 години од основањето на Фондацијата Метаморфозис.

Како што најавуваат од Фондацијата, оваа година конференцијата под наслов „Дигитална трансформација за подобар живот“ се фокусира на темите поврзани со создавање на дигитално општество кое ги задоволува потребите на сите вклучени членови, ги почитува човековите права и ги засилува демократските процеси градејќи подобар живот.

Скопје - Министерството за спорт и Видеолотарија Касинос Австрија денеска ќе потпишат меморандум за соработка во дејноста спорт.

Како што е најавено од Видеолотарија Касинос Австрија, по потпишувањето на меморандумот ќе се одржи прес - конференција на која ќе присуствуваат министерот за спорт Борко Ристовски и претставници на Видеолотарија Касинос Австрија. 

Скопје - Во организација на Skopje Design week 2024, во соработка со Министерството за култура, денеска во Скопје ќе се одржи конференција за развој на креативен туризам - Обединување на сите чинители.

Конференцијата, како што соопштија организаторите, е прва јавна дискусија која има за цел да ги расчлени и расветли сегментите кои се однесуваат на обединување на културата и туризмот која е востановена неодамна во ресорот на Министерството за култура и туризам.

Скопје - Во бибилиотеката на Правниот факултет „Јустинијан Први“ - Скопје денеска ќе биде промовирана книгата „Антидискриминациско право“, коавторски труд на проф.д-р Лазар Јовевски, д-р Жанета Попоска и д-р Јулиус Ростас.

Овој учебник претставува уникатно дело, универзитетски учебник кој е прв од својот вид во државата и научните кругови во соседството, а ги обработува темите поврзани со антидискриминацијата и антициганизмот.

Скопје - Со Суитата МАКЕДОНИКУМ, музика на Давор Јордановски во изведба на ансамблот ИН МЕДИАС РЕС при Полифонија Уметнички Центар, денеска се отвора 25-то издание на Есенски музички свечености. 

Проектот МАКЕДОНИКУМ е промоција на Македонската уметничка музика пред нови генерации и нова публика. Во својата 20-годишна работа Уметничкиот Центар ПОЛИФОНИЈА презема активна улога во реализацијата на проекти од повеќе стилови кои привлекуваат различни типови публика (едукативни, експериментални, џез и премиери на класична и барокна музика), залагајќи се за новина и разновидност кои ја продлабочуваат уметноста, при што и наследството и искуството на многубројните уметници презентирани преку проектите на ПОЛИФОНИЈА низ годините.

Скопје - Македонскиот народен театар (МНТ) со претставата „Народен непријател“ од Хенрик Ибзен, во режија на Нина Николиќ, ќе учествува на III Балкански театарски фестивал во Благоевград, Република Бугарија, кој се одржува од 1 до 7 ноември.

-Оваа година драмскиот театар „Никола Вапцаров“ од Благоевград ги селектираше  најдобрите претстави од Балканот, меѓу кои е и нашата претстава „Народен непријател“, во која играат: Никола Ристановски, Звездана Ангеловска, Дарја Ризова, Јана Вељановска, Ана Арсовска, Благој Веселинов, Петре Арсовски, Сашка Димитровска, Александар Михајловски, Нино Леви и Григор Јовановски, наведуваат од МНТ.

Скопје - Во Националната опера и балет ноември е „Месец на Пучини“, посветен на одбележување на 100 години од смртта на италијанскиот композитор Џакомо Пучини, кој се смета за еден од најголемите оперски композитори на сите времиња.

-За 100 години на најголемиот оперски композитор Џакомо Пучини,  во месецот ноември одвоивме четири негови грандиозни дела  – Боеми, Мадам Батерфлај, Тоска и Турандот. Претставите ќе бидат изведени од страна на висококвалитетниот ансамбл на Национална опера и балет збогатени со врвни диригенти и оперски солисти од Италија, Грција, Кина и Јужна Кореја…, најавуваат од Операта.

Скопје - Од издавачката куќа „Или-Или“ за денеска го најавуваат излегувањето од печат на романот „Ветрилиште“ од Игор Анѓелков, со кој авторот прославува неколку јубилеи - десеттата издадена книга, петти роман, 18 години од објавувањето на дебитанската збирка раскази „Кротки приказни“ и неговиот педесетти роденден.

Белград – Српскиот премиер Милош Вучевиќ денеска изјави дека ќе ја прифати оставката на министерот за градежништво, транспорт и инфраструктура, Горан Весиќ и додаде дека не се сомнева оти министерот не е субјективно виновен за тоа што се случи во Нови Сад.

Вучевиќ за Радио телевизија на Србија изјави дека одлуката на Горан Весиќ е чин на сериозен човек, кој е свесен дека кога извршува важна функција го има и товарот на одговорност.

-Не се сомневам дека Горан Весиќ субјективно не е виновен за ништо што се случи на 1 ноември во Нови Сад, рече Вучевиќ и додаде дека Весиќ е објективно одговорен бидејќи тој раководи со тој оддел.

Вашингтон – Непредвидливите и тесни претседателски избори во САД ќе кулминираат денеска кога гласачите низ длабоко поделената земја ќе одлучуваат дали Камала Харис или Доналд Трамп во јануари ќе бидат во Белата куќа, пренесе ДПА.

Харис, актуелната демократска потпретседателка, и Трамп, републиканскиот поранешен претседател, кој бара втор четиригодишен мандат, ги поминаа последните френетични недели од кампањата, изнесувајќи ги своите ставови пред гласачите во седумте критични држави кои веројатно ќе го одлучат победникот.

Вашингтон - Безбедносни барикади, табли на излозите и видливо полициско присуство - главниот град на САД се подготви за претседателските избори, стравувајќи од повторување на насилството што го погоди Вашингтон пред четири години.

Властите во главниот град на САД предупредија дека очекуваат „нестабилна и непредвидлива безбедносна ситуација“ во деновите и неделите околу изборите и не веруваат дека победникот ќе биде објавен на денот на гласањето.

Вашингтон – ФБИ ги засили безбедносните напори пред денот на изборите. Агенцијата вчера соопшти дека работи 24 часа на националниот изборен команден пункт кој ќе работи најмалку до 9 ноември.

- Целта на командното место е да се осигура дека ФБИ е добро позициониран за да одговори на заканите што би дошле или информациите што би дошле и би влијаеле на нашата изборна безбедност, изјави Џејмс Барнакл, заменик-помошник директор на одделот за криминалистичката истрага на ФБИ.

Барнакл рече дека тие закани вклучуваат закани за изборните работници, странско влијание и кибер закани. Ова не се први избори на кои ФБИ управува со национално командно место, но Барнакл рече дека овогодишниот команден центар е малку „поробусен“ отколку што бил во минатото.

Вашингтон – Највисоките функционери на американската влада вчера ги засилија своите предупредувања за странско мешање во изборите, особено од Русија.

Концернот, од Канцеларијата на директорот на националното разузнавање (ОДНИ), Федералното биро за истраги (ФБИ) и Агенцијата за кибер безбедност и инфраструктурна безбедност (ЦИСА), ги повтори предупредувањата од петокот за мешање, пренесе ДПА.

Трите агенции соопштија дека „ги набљудувале странските противници, особено Русија, кои спроведуваат операции за дополнително влијание со цел да ја нарушат довербата на јавноста во интегритетот на изборите во САД и да поттикнат поделби меѓу Американците“.

Вашингтон - Потпретседателката на САД и демократска претседателска кандидатка Камала Харис изјави дека доколку биде избрана за претседател ќе ги поддржи земјите од Западен Балкан во борбата против корупцијата и продолжувањето на евроатлантските интеграции, додека поранешниот американски претседател и Републиканскиот кандидат Доналд Трамп вети економска соработка и зајакнување на безбедноста во тој регион.

Претставници на изборните штабови на Харис и Трамп во писмена реакција до македонскиот сервис на Гласот на Америка ги образложија позициите на претседателските кандидати во пресрет на изборите во САД, кои се одржуваат денеска.

Вашингтон - Во малото село Диксвил Ноч, во Њу Хемпшир, утринава беа објавени првите резултати од изборите во САД и тие покажаа дека денеска ќе има навистина изедначен изборен ден, јави ДПА.

Демократската кандидатка Камала Харис и републиканецот Доналд Трамп добија по три гласа, како што беше објавено на рачно напишана табла веднаш по полноќ по локално време (5 часот по средноевропско).

Излезноста на гласачите беше стоотстотна.

Вашингтон - Обвинителот од Филаделфија не успеа да го спречи технолошкиот милијардер и поддржувач на Трамп, Илон Маск, да продолжи со неговата контроверзна распределба на пари на гласачите.

Државниот судија во Пенсилванија вчера го одби барањето за судска забрана, објавија американските медиуми. Одлуката е главно симболична, бидејќи дневната распределба на еден милион долари за едно лице секој ден завршува денеска, на денот на изборите.

Маск најави дека до изборите ќе подарува по еден милион долари дневно на регистриран гласач во особено спорните американски држави. Првите чекови од милион долари ги предаде во Пенсилванија. Државата може да биде особено важна затоа што има 19 изборни гласови. За победа на претседателските избори потребни се 270 електорски гласови.

Москва - Руското Министерство за надворешни работи вчера соопшти дека претседателските избори во Молдавија, на кои победи проевропската претседателка Маја Санду, биле „најнедемократските“ во постсоветската историја на земјата.

Портпаролката на Министерството, Марија Захарова, рече дека исходот, во кој Санду обезбеди победа во голема мера благодарение на поддршката на Молдавците од дијаспората, откри „длабок јаз“ во молдавското општество.

Каиро - Палестинскиот претседател Махмуд Абас изјави дека е време да се имплементира Резолуцијата 2735 на Советот за безбедност на Обединетите нации (СБОН), која го опфаќа спроведувањето на прекинот на огнот во Појасот Газа.

Абас ова го изјави на Светскиот форум што се одржа во Каиро, главниот град на Египет.

-Откако помина една година од почетокот на геноцидот врз нашиот народ во Газа и на Западниот Брег, време е за итна примена на резолуцијата 2735 на Советот за безбедност на ОН за прекин на огнот, рече Абас.

Киев - Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека 11.000 севернокорејски војници се распоредени во рускиот регион Курск за да ја поддржат руската армија во обид да ги потиснат украинските сили кои навлегоа во оваа погранична територија.

-Веќе има 11.000 од нив во регионот Курск. Гледаме зголемување на бројот на Севернокорејци, но не и зголемување на реакциите на нашите партнери, рече Зеленски во своето секојдневно вечерно обраќање до сонародниците.

Пјонгјанг – Сестрата на севернокорејскиот лидер Ким Џонг Ун, Ким Јо Џонг денеска изјави дека заедничките воени вежби на САД, Јапонија и Јужна Кореја го оправдуваат нуклеарното зајакнување на Северна Кореја.

Ким ја критикуваше вежбата, која земјите ја спроведоа откако Северна Кореја минатата недела тестираше нова интерконтинентална балистичка ракета со цврсто гориво Хвасонг-19, како и „повеќе од 20“ воени вежби спроведени од сојузниците оваа година.

Абуџа – Претседателот на Нигерија Бола Тинубу денеска нареди ослободување на 29 деца кои се во затвор заедно со други обвинети за предавство, поради наводно учество во протестите предизвикани од високите трошоци за живот.

Под зголемен притисок од активисти, Тинубу, исто така, нареди истрага за агентите за спроведување на законот вклучени во апсењето и гонењето на малолетниците, изјави нигерискиот министер за информации Мохамед Идрис.

Сеул - Северна Кореја истрела повеќе балистички ракети со краток дострел кон Источното Море, познато и како Јапонско Море, соопшти денеска јужнокорејската војска.

Северна Кореја ги лансираше ракетите околу 7:30 часот (понеделник 22:30 по Гринич) од западната провинција Северна Хвангхае, објавија јужнокорејските медиуми, цитирајќи го Генералштабот во Сеул.

Генералштабот првично не го прецизираше бројот на лансирани проектили.

Канцеларијата на јапонскиот премиер исто така испрати предупредување за „сомнително лансирање балистичка ракета“.

Остани поврзан