• сабота, 23 ноември 2024
МИА Радио флеш

 5 ноември 2024 

 Скопје - Министерството за социјална политика, демографија и млади информира дека денеска почна исплатата на правата од социјална, детска и цивилна заштита за октомври 2024 година.

-Корисниците на парични права коишто поседуваат дебитна картичка ќе може да подигнат готовина на банкоматите на банките, да ги користат средствата за безготовински плаќања во продажната мрежа или преку електронско и мобилно банкарство од денеска, 5 ноември 2024 година, соопшти Министерството. 

За да се избегне метеж пред и во банките при исплата на правата, за корисниците кои не користат картички, исплатата во сите отворени филијали и експозитури на банките ќе се спроведе во две групи  по распоред според првата буква од презимето.

Денеска, 5 ноември 2024, средствата ќе може да ги подигнат корисниците чиешто презиме почнува на: А, Б, В, Г, Д, Ѓ, Е, Ж, З, Ѕ; И, Ј, К, Л, Љ, а утре, 6 ноември 2024, корисниците со презиме на: М, Н, Њ, О;П, Р С, Т, Ќ, У, Ф, Х, Ц, Ч, Џ, Ш.

Скопје - Северна Македонија е помеѓу умерено и добро ниво на подготвеност во областа на статистиката, оценува Европската комисија во Извештајот за напредокот на поглавјето 18 Статистика за 2024 година.

Годинава, како што соопшти Државниот завод за статистика, е констатиран дополнителен напредок во Извештајот на Европската комисија за поглавјето 18 Статистика, каде што високо ниво на усогласеност е забележано во статистичката инфраструктура, додека во секторските статистики се бележи одреден напредок.

-Оценката во Извештајот е уште една потврда дека Државниот завод за статистика, како главен носител и координатор на Националниот статистички систем, е високопрофесионална институција во рамките на органите на државната управа, која со право го заслужува епитетот на рамноправен член на европското статистичко семејство применувајќи ги европските принципи и стандарди во работењето како и сите други статистички институции на земјите членки на ЕУ, се наведува во соопштението.

Скопје - Во атар на ресенското село Болно, вчера во 16.40 часот,  полициски службеници од ОВР Ресен ги лишиле од слобода С.Д.(47) од Ресен и Т.Д.(45)  од Прилеп поради сомнение за сторено кривично дело „кражба” по член 235 од Кривичниот законик.

МВР денеска соопшти дека при контрола на трактор со приколка, кој го управувал С.Д., а сопатник бил Т.Д., биле пронајдени огревни дрва за кои не поседувале никаква документација. Тракторот, дрвата и приколката биле одземени, а по целосно документирање на настанот против лицата ќе следува соодветна пријава.

Скопје - УНЕСКО ги повикува земјите членки да поднесат предлози за одбележување јубилеи на историски настани и еминентни личности во периодот 2026-2027 година, кои имаат универзално значење и придонеле во промоција на мирот, разбирањето и зближувањето на односите меѓу луѓето.

-За таа цел УНЕСКО би се вклучил во одбележувањето на јубилеите предложени од страна на државите  членки, со што би им се дало поголемо светско значење и признание, објави Министерството за образование и наука. 

Повеќе информации за критериумите за поднесувањето предлози за јубилеј на личност/настан се достапни на линкот: https://unesdoc.unesco.org/ark:/48223/pf0000391504_eng.

Во повикот објавен на веб-страницата на МОН е дпостапен форумулар кој пополнет треба да се достави во електронска форма до: tkraljevska@kultura.gov.mk најдоцна до 2 декември 2024.

Скопје - Сеизмолошката опсерваторија при Природно-математичкиот факултет во Скопје ги повика медиумите во своите објави за случени и почувствувани земјотреси да ги користат исклучливо нејзините официјални информации бидејќи, како што наведува, „споделувањето невистинити и погрешни податоци може да предизвика општа паника на населението и тоа е казниво со закон“.

Опсервацијата реагира со допис до медиумите „поради зачестено ширење непроверени информации за случени и почувствувани земјотреси“.

Во реакцијата Сеизмолошката опсерваторија потсетува дека и со закон таа е единствена институција во Републиката задолжена и овластена да ја одржува сеизмолошката мрежа и да ги објавува податоците за сеизмичките појави, вклучувајќи го и известувањето на јавноста за почувствуваните земјотреси во државава. 

Скопје - Во издание на „Бата прес“, излезе од печат книгата „Падот на Југославија и осамостојувањето на Македонија“, од публицистот, поранешен новинар, уредник и преведувач Ненад Баткоски.

Книгата содржи голем број статии, коментари, интервјуа, репортажи, извештаи и други новинарски форми, со кои авторот во период од преку 40 години сведочел за општествените промени, особено оние во Македонија.

Текстовите ги објавувал во угледните дневни весници „Борба“ (Белград и Загреб), „Република“, „Нова Македонија“, „Вечер“, во весникот на демократската пролет „Млад борец“, во неделникот „Време“ од Софија, како и во франкофонските печатени медиуми „Ле нуво котидиaн“ (Le nouveau quotidien) од Лозана, „Диагонал ест уест“ (Diagonales est-ouest) и „Ом е либерте“ (Hommes & libertés) од Париз.

Во книгата се објавени и интервјуа направени пред изборите 1990 година, со лидерите на водечките политички партии: Гане Тодоровски, Петар Гошев, Невзат Халили, Љупчо Георгиевски и Стојан Андов.

Белград – Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, во емисијата „Кирилица“ на телевизија „Хепи“ изјави дека оставката на министерот за градежништво, транспорт и инфраструктура, Горан Весиќ е чин на одговорност, но тој не го принудил на тоа.

- Веднаш рекоа дека Вучиќ го натерал да поднесе оставка, но морам да ги разочарам и да кажам дека не сум. Реков дека ќе ја почитувам волјата на премиерот и политичката и човечката чесност на Горан, но не го ни советував да го стори тоа, рече Вучиќ, кој на прашањето дали ќе има уште оставки, одговори дека тоа е сосема сигурно.

Тој рече дека Весиќ ќе остане во СНС и ќе продолжи „да работи и да се бори заедно“.

Белград - Состојбата на тројцата повредени по падот на настрешницата на железничката станица во Нови Сад се уште е сериозна. Поради трагедијата со загинувањето на 14 лица во Нови Сад велерва е најавен масовен протест, јави дописникот на МИА од Белград.

Директорот на Клиничкиот центар Војводина, Весна Туркулов изјави дека лекарите се уште се борат за животот на повредените.

-Се уште се живи, што е охрабрувачка вест и тоа е добро, но состојбата се уште не е стабилизирана. Се прави дополнителна дијагностика, можни се некои дополнителни интервенции, но борбата за нивниот живот се уште трае, изјави д-р Туркулов.

Таа додаде дека тим од психолози и психијатри е вклучен и работи со семејствата за да им помогне во најтешките моменти.

Како што е најавено, опозицијата во 18 часот организира протест во близина на железничката станица.

Претставниците на активистичката група СвиЌе најавија дека за денешниот протест се планирани симболични активности и додадоа дека ќе одат „во се порадикални акции“.

Атина – Со 39 гласа, девет повеќе од потребното двотретинско мнозинство, Европската комисија ја одбори кандидатурата на Апостолос Ѕиѕикостас за комесар за одржлив транспорт и туризам, објавија грчките медиуми, јави дописничката на МИА од Атина.

Според истите информации против гласала германската крајна десница, а левичарската група (LEFT) била воздржана.

Дел од медиумите во Грција пишуваат дека за време на сослушувањето на Ѕиѕикостас не изостанала и тензијата поради железничката несреќа кај Темпи во февруари минатата година, а новиот грчки комесар во неговиот воведен говор рекол дека безбедноста на железниците ќе биде главен приоритет.

Грчката европратеничка од редовите на Нова демократија Елиза Воземберг на платформата „Х“ синоќа напиша дека сослушувањето на предложениот комесар за одржлив транспорт и туризам „формално е завршено“.

-Како претседател на Комитетот за транспорт и туризам со задоволство можам да информирам дека процесот беше транспарентен и демократски, при што сите членови се придржуваа до процедурите. Иако расправата заврши, нашата работа продолжува бидејќи сега преминуваме во фазата на евалуација од страна на координаторите на комисиите.Вака функционира демократијата во пракса, напиша Воземберг.

Никозија – Зголемување на породилниот додаток; месечна финансиска поддршка од 200 евра во траење од две години за мајките кои своето прво дете ќе го добијат пред 30-годишна возраст; поповолни услови за корисниците на додатокот за родителско отсуство; пилотско воведување на проширено попладневно работно време на градинките до 19:30 часот, се дел од мерките за справување со демографското прашање што ги соопшти кипарскиот претседател Никос Христодулидис, јави дописничката на МИА од Атина.

Во неговата телевизиска порака до граѓаните Христодулидис нагласи дека станува збор за втор пакет-мерки што е во висина од 50 милиони евра.

Рече демографската состојба во земјата е алармантна, објаснувајќи дека „во изминатите 20 години, просечната стапка на раѓање по жена е намалена, просечната возраст на мајките кои раѓаат прво дете е зголемена, а зголемен е и просечниот животен век“.

Брисел - Европската канцеларија за борба против измами (ОЛАФ) започна истрага во врска со наводите дека некои земји под друг бренд во ЕУ препродаваат руска нафта, чиј увоз во ЕУ е опфатен со режимот на санкции против Русија. 

Случајот се третира како обид за заобиколување на санкциите што ЕУ ги воведе кон Русија поради руската инвазија врз Украина. Забраната за увоз на руска нафта во Унијата беше воведена со пакетот санкции усвоен во февруари 2023 година. 

Истрагата следи откако некои медиуми објавија дека милиони барели руска нафта најверојатно се пласираат на пазарот во ЕУ откако претходно биле „ребрендирани“ во други земји, меѓу кои и Турција и Бугарија. 

Според наводите на „Политико“ на овој начин во изминатите 12 месеци во ЕУ била извезена руска нафта преку Турција, од што Русија заработила околу три милијарди евра. Овој трансфер на руска нафта под променет бренд на потекло, се вршел преку три турски пристаништа.   

Берлин - Германското федерално јавно обвинителство денеска соопшти дека осуммина осомничени членови на екстремно десничарска терористичка организација се уапсени во источногерманската покраина Саксонија и во Полска.

Како што јави ДПА повикувајќи се на властите, се претресуваат и околу 20 имоти. Претреси се вршат и во Австрија.

Обвинителството ги сомничи обвинетите дека припаѓаат на „Саксонските сепаратисти“, група за која веруваат дека е формирана најдоцна во ноември 2020 година.

- Ова е милитантна група составена од 15 до 20 луѓе, чија идеологија се карактеризира со расистички, антисемитски и делумно апокалиптични идеи, се вели во соопштението објавено од канцеларијата на обвинителството.

Газа - Најмалку 29 Палестинци беа убиени рано утринава во израелски воздушни напади врз кампови во кои се сместени раселените лица во неколку области во Појасот Газа, вклучувајќи ги Беит Лахија, Деир ал Балах и градот Ал-Заваида, објавија палестинските медиуми. 

Се прецизира дека 20 лица се убиени во напад на куќа во Беит Лахиа на северот од Појасот Газа, а две лица се убиени во напад на бегалски камп во Деир ал Балах во централниот дел на енклавата.

Во нападот на кампот во Ал-Заваида загинаа четири лица, додека неколку други се повредени. 

Москва - Педесет и три сателити од Русија и од странско производство беа успешно лансирани рано утринава од космодромот Восточни во областа Амур на рускиот Далечен Исток, соопшти руската вселенска агенција Роскосмос.

Во соопштението се наведува дека ова е рекорд и дека во орбитата успешно се лансирани 49 руски, еден руско-кинески, еден руско-зимбабвеански и два ирански сателити.

Амбасадорот на Иран во Москва, Казем Џалали, вчера објави дека Русија денеска ќе лансира два ирански сателити во орбитата со помош на ракета Сојуз. Џалали на платформата „X“ напиша дека, како дел од продолжувањето на развојот на научната и техничката соработка меѓу Иран и Русија, во денеска ќе бидат лансирани два ирански сателити „Ковсар“ и „Ходод“ во земјината орбита оддалечена 500 километри.

Вашингтон - Доналд Трамп и Камала Харис, политички лидери на две целосно спротивставени концепции за идниот развој и лидерство на Америка, завршија со главните митинзи на едни од најразбрануваните и најдраматични претседателски кампањи во историјата на САД.

Но во оваа земја не постои изборен молк, нивните кампањи продолжуваат и на денот на изборите, јави дописникот на МИА од Вашингтон.

Од вчера наутро до доцна синоќа и по полноќ, тие одржаа завршни митинзи и интензивни настани во неколку сојузни држави каде ќе се одреди резултатот од претседателската трка во 2024 година.

По тон и по суштина, аргументите на Трамп и Харис ги отсликаа спротивставените визии што им тие им го нудат на длабоко поделениот народ. Зборувајќи пред голема и возбудена толпа собрана на скалите пред Музејот на уметноста во Филаделфија, Харис изјави дека нацијата е „подготвена за нов почеток, за нов пат напред“.

Лос Анџелес - Во неодамнешно интервју за „Блумберг“, поранешниот извршен директор на „Мајкрософт“, Стив Балмер зборуваше како се правело интервју за работа во една од најпознатите технолошки компании во светот. Балмер, кој беше на чело на американскиот конгломерат од 2000. до 2014 година, откри трик-прашање што му го поставувал на секој кандидат за работа, објаснувајќи го и значењето.

- Прашањето гласеше вака: „Размислувам за број меѓу еден и сто. После секој обид ќе ви кажам дали бројот е превисок или пренизок. Ако погодите при првиот обид, добивате пет долари, тогаш четири, три, два, еден, и ако на крајот не погодите, ќе ми платите долар, два“, изјави тој.

Целта на ова прашање не е само да се тестира размислувањето на кандидатот, туку и способноста за донесување стратешки одлуки - клучна одлика, којашто Балмер ја смета за важна, за успех во технолошката индустрија.

Манила - Властите на Филипините наредија евакуација на населението, складирање храна и ставање на војската во состојба на готовност поради тајфунот Јинсинг, бидејќи бурата се движи кон североисточните градови што може да ги загрози во текот на неделата.

Центарот на тајфунот, со ветрови од 120 километри на час, се проценува на 590 километри од источниот град Балер во провинцијата Аурора, објави државната метеоролошка агенција.

Локалните власти го повикаа населението од оддалечените населби да се евакуира предвреме, бидејќи постои можност спасувачите да не можат да стигнат до нив за време на бурата.

„Различни владини оддели ги здружија напорите за издавање рани предупредувања, планирање и позиционирање на потребните стоки и услуги“, рече министерот за одбрана Гилберто Теодоро.

Се очекува бурата да го погоди копното помеѓу четврток навечер и петок наутро во близина на северната провинција Кагајан, со силен дожд во градовите кои се наоѓаат на патот, изјави претставник на метеоролошката агенција.

Сеул – Северна Кореја утринава истрела балистичка ракета со краток дострел кон Јапонското Море, соопшти јужнокорејската војска.

Пет дена пред денешното лансирање, Северна Кореја истрела интерконтинентална балистичка ракета.

- Во очекување на нови лансирања, нашите вооружени сили го засилија надзорот, соопшти генералштабот на јужнокорејската војска, додавајќи дека споделува информации со Јапонија и САД.

Јапонскиот премиер Шигеру Ишиба пред новинарите во Токио потврди лансирање на „неколку балистички ракети“.

Сеул - Јужнокорејски воен дрон, што бил во операција на извидување откако минатата недела Северна Кореја лансираше интерконтинентална балистичка ракета ICBM, се урна во близина на границата, соопшти денеска јужнокорејската војска. 

Во соопштението на војската се наведува дека беспилотното летало Херон од израелско производство се урнало пред три дена, на околу 25 километри североисточно од Сеул, додека се враќало во базата по завршувањето на својата извидувачка мисија. Во инцидентот нема повредени, пренесе Јонхап. 

Се посочува дека армијата изгубила комуникација со дронот во саботата околу два часа по полноќ, а војската го пронашла околу 15 часа подоцна. 

Истрагата за инцидентот е во тек. 

Дронот имал задача да ја надгледува граничната област со Северна Кореја откако Пјонгјанг во средата вечерта лансираше интерконтинентална балистичка ракета ICBM. 

Во сличен инцидент минатата недела, друг воен дрон се урна западно од Сеул.

Остани поврзан