• сабота, 23 ноември 2024
МИА Општински пул

15 октомври 2024

Скопје - Во Музејот на современата уметност - Скопје од денеска, без официјално отворање, може да се погледне изложбата „Откривања: Дела од шпанската колекција на МСУ - Скопје“.  Kуратори се: Владимир Јанчевски, Благоја Варошанец и Ива Димовски. Дел од тимот на МСУ, кои работеле на изложбата и на каталогот се и Јулија Манојлоска, Јадранка Милчовска, Љупчо Иљовски и Нада Прља.

Како што информира МСУ - Скопје, со оваа поставка сe одбележуваат 30 години од воспоставувањето на дипломатските односи меѓу Шпанија и Северна Македонија. Изложбата е резултат на соработката на МСУ - Скопје и Амбасадата на Шпанија во земјава и претставува дел од одбележувањето на 12 Октомври - Националниот ден на Шпанија.

Скопје - Министерството за внатрешни работи информира дека од 15 до 17 часот, во Скопје ќе има посебен режим на сообраќај.

Единицата за безбедност на патниот сообраќај ќе преземе мерки за посебен режим на сообраќајот во централното градско подрачје, поради одржување протестен марш од страна на коалиција за застапување на правата на лицата со хендикеп, појаснува Министерството за внатрешни работи. Секторот за внатрешни работи - Скопје апелира граѓаните да ги почитуваат наредбите што ги издаваат полициските службеници. 

Делчево - Во организација на Центарот за култура „Никола Јонков Вапцаров“ вечер концерт во Делчево ќе одржи Скопски дувачки квинтет. Концертот, како што најави на денешната прес-конференција, програмскиот директор на установата Методи Толевски ќе се одржи во фоајето на Спомен-домот АСНОМ.

-Скопскиот дувачки квинтет постои повеќе од триесет години и претставува дел од една традиција на камерна дружба, меѓу плејада македонски уметници од дувачката фела. Овој камерен состав во текот на своето постоење изведува дела од светската ризница, како и дела од македонски автори, некои и специјално напишани за овој ансамбл, истакна Толевски.

Скопје - Општина Центар распиша  Jавен повик за доделување финансиска поддршка за поправка и санација на постојните кровни конструкции и постојните лифтови во станбените згради на подрачјето на општината што се во согласност со Програмата за комунални дејности за 2024 година.

-Јавниот повик се однесува на финансиска поддршка за поправка на технички неисправни лифтови, како и модернизација и подобрување на безбедноста на постојните лифтови. Финансиската поддршка за реконструкција на покриви и на кровни покривачи e насочена кон замена на постојните азбестни салонитни покривки со еколошки како и реконструкција на рамни проодни и непроодни тераси под услови што се наведени во Јавниот повик, информираат од Општина Центар.

Кавадарци - Реконструкција и доградба на постоечка надземна мрежа за улично осветлување се врши во Кавадарци, информираа денеска од кабинетот на кавадаречкиот градоначалник Митко Јанчев.

- Во склоп на овој проект одделението за улично осветлување при општина Кавадарци, работи на ново улично осветлување на ул. Шишка, во село Марена и на регионалниот пат од Југо Комерц, каде ќе се поставуваат нови енергетско ефикасни светилки со подобра илуминација. Во наредниот период ќе се продолжи и на повеќе од 20 локации во општината, и тоа 562 броја светилки, метални столбови со висина од 5 ,6, 8, 10 и 12 метри вкупно 494 броја, во должина од 13.255 метри, соопштија од кабинетот на Јанчев. 

Скопје - Без снабдување со електрична енергија денеска ќе бидат улици во неколку скопски населби.

Како што соопшти РЦУК, поради планирани технички интервенции во електродистрибутивната мрежа на ЕВН, на ден 15.10.2024 година без струја ќе останат следните корисници: во период од 08.30ч до 11.00ч дел од ул. Методија Митевски објектите околу ОУ Исмаил Ќемали (Рајко Жинзифов), ОУ Исмаил Ќамали, ул. Никола Грчето, ул. Петар Ичко (o. Чаир).

Скопје - Поради уличен дефект од ф 100мм, без вода утрово ќе останат корисниците од улиците 1 и 2 во Студеничани. 

Како што соопшти ЈП Водовод и канализација - Скопје, прекинот во водоснабдувањето ќе биде од 8.15 часот и ќе трае до санирање на дефектот. 

Остани поврзан