• сабота, 23 ноември 2024

МВР-билтен (ДПЛ)

МВР-билтен (ДПЛ)

Скопје, 5 ноември 2024 (МИА) На 04.11.2024 во 23.25 часот, полициски службеници од СВР Куманово го лишиле од слобода Џ.Б.(28) од Куманово. Тој се обидел да одземе предмети од приватен имот на улицата „Никола Тесла“ во Куманово. Џ.Б. бил приведен во полициска станица и по целосно документирање на случајот против него ќе следува соодветна пријава.

СВР Охрид поднесе кривична пријава против Ф.М.(74) од Охрид поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „бесправно градење“. На катарстарска парцела на улица „Даме Груев“ во Охрид, пријавениот бесправно и спротивно на одобрениот проект извршил градба на семејна куќа.

ОВР Струга поднесе кривична пријава против Б.Х.(50) од струшкото село Велешта поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „фалсификување исправа“. При извршена сообраќајна контрола, полициските службеници од ОВР Дебар констатирале дека тој на увид приложил фалсификувана бугарска возачка дозвола.

На 04.11.2024 во 18.00 часот на булевар „Гоце Делчев“ во Гостивар, полициски службеници од ОВР Гостивар го лишиле од слобода Ф.И.(34) од с.Вруток, Гостиварско, поради основано сомнение дека извршил кражба на велосипед. Кај него бил пронајден велосипедот и бил вратен на сопственикот. Лицето било задржано во полициска станица и по целосно документирање на случајот против него ќе следува соодветна пријава.

На 05.11.2024 во ОВР Кавадарци било пријавено дека околу 08.45 часот на регионален пат Кавадарци – Неготино, во близина на село Рибарци, општина Росоман, се случила сообраќајна несреќа помеѓу патничко возило „сеат“ со велешки регистарски ознаки, управувано од 18-годишната В.З. од Градско и товарно возило „опел“ со велешки регистарски ознаки, управувано од Б.Ј.(46) од Велес. Од здобиените повреди на местото починал М.П.(40) од Велес, сопатник во товарното возило, а смрт констатирал лекар од Здравствен дом Кавадарци. Со тешки телесни повреди се здобиле возачот на товарното возило и 18-годишната А.Н., сопатник во патничкото возило, а со телесни повреди се здобил возачот на патничкото возило, констатирани во болницата во Кавадарци. Увид на местото извршиле јавен обвинител во содејство и увидна екипа од ОВР Кавадарци. По наредба на јавен обвинител телото на починатиот било дадено на обдукција.

Денеска (05 ноември) во 14.05 часот во СВР Тетово било пријавено дека на автопатот Гостивар-Тетово, во близина на надвозникот за тетовска Брвеница, патничко возило ,,сеат леон“ со скопски регистарски ознаки, управувано од В.М.(22) од Скопје, излетало од коловозот. Во несреќата со тешки телесни повреди се здобила сопатничката Ј.П.(22) од Скопје, додека возачот се здобил со телесни повреди, констатирани во Клиничка болница Тетово. Увид на местото извршила екипа од СВР Тетово.

На 03.11.2024 во 13.26 часот во СВР Штип, З.С.(66) од с.Тркање, Кочанско, пријавил дека на место викано „Коњско“ во селото, додека извршувал земјоделски работи, пронашол неексплодирана експлозивна направа - топовска граната калибар 75 мм. Полициски службеници од Полициската станица Кочани извршиле увид, а пиротехничар од Дирекцијата за заштита и спасување експлозивната направа била подигната за понатамошна постапка.

На 03.11.2024 во 23.30 часот на булевар „Илинденска“ во Тетово, полициски службеници од СВР Тетово, во присуство на старател, привеле малолетник од Тетово затоа што кај него бил пронајден нож. Тој е задржан во полициска станица и против него ќе следува соодветен поднесок согласно член 80 од Законот за оружје.

На 04.11.2024 во 19.30 часот во СВР СКопје, З.С.(42) од Скопје пријавил дека околу 13.00 часот на подрачјето на Кисела Вода неговиотмалолетен син бил физички нападнат од неколку лица, од кои дел познавал и кои употребиле метални предмети. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

На 04.11.2024 во 11.30 часот на Граничен премин Ново Село, на излез од државата, полициски службеници го лишиле од слобода П.К.(53) од Струмица поради основано сомнение за сторено кривично дело „фалсификување исправа“ - образец за технички преглед за товарното возило „ивеко“ со бугарски национални ознаки, кое го управувал. По целосно документирање нас лучајот ќе биде поднесена соодветна пријава.

На 04.11.2024 во 16.11 часот во СВР Штип било пријавено дека во атарот на с.Пиперово, Штипско, со прострелна рана од огнено оружје бил пронајден починат И.К.(31) од с.Дедино, општина Конче. Лекар од Итна медицинска помош констатирал смрт, а увид на местото извршиле екипа на СВР Штип и јавен обвинител, по чија наредба телото на починатиот било дадено на обдукција.

На 04.11.2024 во 15.00 часот во Полициската станица Карпош, Х.С.(31) од Скопје пријавил дека од неговиот дом се оддалечил А.Д.(56) од Скопје. Се преземаат мерки за пронаоѓање на лицето.

На 04.11.2024 во 20.50 часот на Граничен премин Долно Блаце, полициски службеници го привеле С.Б.(33) од Косово поради избегнување гранична контрола. Околу 20.05 часот на преминот, тој не застанал на наредба од полициски службеник за дополнителна контрола, а подоцна се вратил на граничниот премин со образложение дека не застанал затоа што имал итна ситуација. По целосно документирање на случајот, против него ќе биде поднесен соодветен поднесок.

На 04.11.2024 околу 22.30 часот во СВР Скопје било пријавено дека во с.Студеничани, Скопско, по претходно недоразбирање во сообраќајот, бил нарушен јавниот ред и мир со физичка пресметка помеѓу А.З.(31) и малолетник од една страна и И.Р.(44) и уште двајца малолетници, сите од с.Студеничани, од друга страна. По целосно документирање на случајот ќе следува соодветен поднесок.

На 04.11.2024 во 15.40 часот во СВР Скопје, П.Е.(58) од Охрид пријавила дека околу 14.30 часот на подрачјето на Центар, едно лице со употреба на сила ѝ одзело личен накит. Се преземаат мерки за целосно расчистување на случајот.

На 04.11.2024 во 10.45 часот во СВР Скопје било пријавено дека пред влез од зграда на подрачјето на општина Аеродром, по претходна расправија, бил нарушен јавниот ред и мир со физичка пресметка помеѓу Ж.О.(68) и В.Д.(41), двајцата од Скопје. По целосно документирање на случајот ќе следува соодветен поднесок.

На 04.11.2024 во 14.30 часот СВР Скопје било пријавено дека настанал пожар во градски автобус кој се движел на релацијата од с.Орешани кон с.Зелениково. Пожарот бил изгаснат, а повредени патници нема. Увид бил извршен.  

На 04.11.2024 во 11.00 часот во СВР Скопје, 85 - годишен маж од Скопје пријавил дека на 01.11.2024 бил измамен од едно лице за сума од 50.000 денари. Според пријавеното, лицето се претставило како вработено во МВР и му кажало дека ќе му помогне да го излечи неговиот син, а потоа и да го вработи за што му ги побарал парите. Како што е пријавено, откако му ги дал парите, телефонот на лицето не бил достапен, по што сфатил дека е измамен. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

На 02.11.2024 во 20.40 часот во СВР Скопје било пријавено дека околу 16.30 часот, при извршување градежни работи на објект во изградба на подрачјето на Центар, со тешки телесни повреди се здобил Л.Ш.(27) од с.Ѓермо, Тетовско. Тој бил пренесен во Комплексот клиники „Мајка Тереза“ во Скопје, каде околу 18.30 часот починал. Извршен бил увид од увидна екипа од СВР Скопје, известен бил трудов инспектор, а по наредба на Јавен обвинител телото на починатиот било предадено на обдукција. Се работи на расчистување на случајот.  

На 03.11.2024 во 15.00 часот во ОВР Кочани било пријавено дека пред продажен објект во с.Кучичино, Кочанско, по претходна расправија, бил нарушен јавниот ред и мир со физичка пресметка помеѓу З.Ј.(53) од селото и Т.М.(42) од Штип. По целосно документирање на случајот ќе следува соодветен поднесок.

На 04.11.2024 во 09.25 часот во ОВР Кавадарци, Џ.М.(23) од село Ваташа, Кавадаречко, пријавила дека на 03.11.2024 на улица „Крсте Мисирков“ во Кавадарци, додека се шетала со нејзиниот шестгодишен син, детето било каснато од куче сопственост на М.И.(51) од Кавадарци, кое било оттргнато од случајни минувачи. Малолетникот бил пренесен во Општа болница Кавадарци, каде му биле констатирани тешки телесни повреди.

На 04.11.2024 во 20.25 часот во Полициската станица Велес, С.Т.(69) од Велес пријавил дека на улица „Благој Ѓорев“ во Велес бил каснат од куче скитник.

На 04.11.2024 во 16.20 часот во СВР Велес, Н.Д.(31) од Велес пријавил дека на улица „Благој Страчковски“ во Велес бил каснат од куче скитник.

На 04.11.2024 во 15.10 часот, М.И.(45) од Кичево во полициска станица пријавила дека на улица „Тане Цалески“ во Кичево била касната од куче скитник.

СВР Штип поднесе кривична пријава против Ф.З.(33) од Штип поради постоење основи на сомнение за кривично дело „убиство“. На 01.11.2024 во објект во Штип, по претходна расправија, пријавениот физички ја нападнал неговата партнерка Е.П., која од здобиените повреди починала.

Надворешна канцеларија за криминалистички работи Кичево поднесе кривична пријава против Т.Н.(26) од Битола поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурзори“. На 09.08.2024 во Кичево, полициски службеници извршиле преглед над пријавениот, при што биле пронајдени и одземени марихуана и дробилка.

ОВР Гевгелија поднесе кривична пријава против М.А.(22) и Л.Б.(36), двајцата од Гевгелија, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурзори“. Полициски службеници извршиле претрес во домот на второпријавениот, во кој бил затекнат и првопријавениот, при што биле пронајдени и одземени бала грутчеста материја, различни таблети и дигитална вага.

Надворешна канцеларија за криминалистички работи Гостивар поднесе кривична пријава против Р.К.(35) од с.Челопек, Тетовско, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „изнуда“. На 20.04.2024, пријавениот телефонски го контактирал К.С.(72) и побарал 1.000 евра за да не биде убиен неговиот син кој е на издржување затворска казна во казнено - поправна установа.

Надворешна канцеларија за криминалистички работи Гостивар поднесе кривична пријава против Д.М.(69) и Ф.М.(52), двајцата од с.Падалиште, Гостиварско, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „лихварство“. Во периодот од 2012 до 2024, пријавените во повеќе наврати на две лица им давале пари на заем, за што подоцна им побарувале несразмерна камата, а им упатувале и закани доколку не им биде дадена бараната сума.

СВР Скопје поднесе кривична пријава против И.Т.(41) од Скопје, управител на приватна фирма од Скопје, поради постоење основи на сомнение за сторени кривични дела „злоупотреба на службена положба и овластување“ и „оштетување или повластување на доверители“, против правниот субјект поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „оштетување или повластување на доверители“ и против К.Н.(46) од Скопје поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „злоупотреба на службената положба и овластување“. Првопријавениот, иако знаел дека побарувањето, кое второпријавениот го имал кон друг правен субјект, веќе бил подмирен во целост и бил со блокирана жиро-сметка, тој кај нотар потврдил солемнизација со невистинита содржина - договор за отстапување на побарување, и покрај тоа што неговото правно лице нема право да склучува таков вид договори. Со наведеното дејствие, преку извршител побарал присилна наплата од имотот на правното лице и на тој начин била извршена двојна наплата. Третопријавената, со намера да прибави противправна имотна корист во вид на нотарска награда и со намера да му овозможи стекнување на имотна корист на првопријавениот, презела службени дејствија на штета на правниот субјект од кого било извршено побарувањето.

СВР Скопје поднесе кривична пријава против З.Г.(45) од Скопје поради постоење основи на сомнение за сторени кривични дела „злоупотреба на службената положба и овластување“ и „фалсификување службена исправа“. На 22.06.2023, пријавениот како референт во ЈП „Национални шуми“, издал испратница за натоварено огревно дрво повеќе од тоа што имало за превезување со што го оштетил државниот буџет.  

Надворешна канцеларија за криминалистички работи Гостивар поднесе кривична пријава против И.И.(55) од Гостивар поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „бесправно градење“. Пријавениот, во Стар Балиндол изградил привремен објект со дрвена конструкција без да поседува одобрение за градба издадено од надлежен орган.

СВР Охрид поднесе кривична пријава против М.Н.(46) од Прилеп и М.В.(60) од Скопје поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „бесправно градење“. Во Љубаништа, пријавените изградиле семејна куќа без да поседуваат одобрение за градење од надлежен орган. мд/

Фото: МИА архива 

 

Остани поврзан