• петок, 27 септември 2024

Манастирот „Свети Георгиј Победоносец“ во село Рајчица ги кани верниците на одбележувањето на втората манастирска слава

Манастирот „Свети Георгиј Победоносец“ во село Рајчица ги кани верниците на одбележувањето на втората манастирска слава

Дебар, 25 септември 2024 (МИА) - Манастирот „Свети Георгиј Победоносец“ во дебарското  село Рајчица, подготвен е за одбележување на втората манастирската слава, Воздвижението на чесниот и животворен Крст Господов – Крстовден и ги кани верниците на одбележување на славата. 

- Одбележувањето почнува утревечер, 26 септември, во предвечерието на празникот, со  свечена и празнична вечерна богослужба, која почнува во 18 часот, на која молитвено ќе претстои Неговото Преосвештенство епископ Антаниски г. Партениј. На крајот на богослужбата, проследен од стиховите на празничниот тропар, ќе биде изнесен на вход крстот со честичка од Чесното Дрво и потоа повторно ќе биде внесен во олтарот, рече за МИА, сестра Ефимија. 

Следниот ден, 27 септември, во 7:30 часот ќе започне Утрената богослужба. На крајот од Утрената, од светиот Престол, од олтарот, ќе биде изнесен сребрениот филигрански крст, во кој се поставува крстот од времето на игуменот Арсениј, со честица на Чесниот и Животворен Крст, а кој преку годината се чува во големиот кивот на Бигорскиот манастир. 

- После чинот на Воздвижението на крстот, на верниците ќе им се даде можност и да се поклонат пред Живоносното и спасително Дрво на нашиот Господ Исус Христос. Во 8:45 часот ќе биде  пречекан владиката Партениј а во 9 часот ќе почне Света архијерејска Златоустова Литургија. Ги каниме верниците сите заедно победнички да го издигнеме Чесниот Крст на нашиот Спасител, Господ Исус Христос, нашето оружје и нашата надеж за спасение, и откако ќе го прославиме, радосно да се причестиме со светите Христови Тајни, порача сестра Ефимија.

Манастирот „Св. Георгиј Победоносец“ е женски манастир и се наоѓа на околу два километра од Дебар. На одбележувањето, традиционално се очекува  присуство на голем број верници од повеќе градови од државава, како и поранешни жители на Рајчица и нивни потомци, кои сега живеат во Дебар. вт/

Фото: МИА

Остани поврзан