• сабота, 23 ноември 2024

Левица за посетата на Сиљановска Давкова на Софија 

Левица за посетата на Сиљановска Давкова на Софија 

Скопје, 14 септември 2024

На заедничката средба помеѓу претседателите на Македонија и Бугарија, македонското знаме беше отсутно! Овој чин е далеку од само дипломатски инцидент, туку - симболичен показател на односот на владеачките елити кон бугарските врховистички барања и доказ дека Силјановска е пиун во бугарската игра со македонскиот идентитет - без знаме и без гордост.

Живееме во историски времиња - за прв пат претседател на Македонија оди на официјална средба со странски државник без да е истакнато македонското знаме. 

Протоколот во вакви ситуации јасно наложува почитување на симболите на двете држави.

‼️ Недостатокот на македонско знаме на официјален настан е срамно потклекнување пред Бугарија и уште една епизода од историјата на национално понижување кое почна со „Договорот за добрососедство“!

Ваквите провокации не можат да се толкуваат како „добрoсоседски односи“ кога нивната цел е јасна - поткопување на македонската независност и продолжување на антимакедонскиот наратив ,,две држави-еден народ”. 

Радев не се обидува да гради вистински односи, туку пропагира бугарски национал-шовинизам, со поддршка од македонските политичари подготвени на компромиси на штета на сопствениот народ и потклекнати пред бугарските ултиматуми.

Од политички лидери кои ветуваа чест и независност, Силјановска и ДПМНЕ се покажаа само како посредници на странски агенди. Наместо да ја следат волјата на народот кој ги избрал, големите патриоти исполнуваат желби на надворешни сили. 

Левица ја лоцира одговорноста и во протоколот на Силјановска, кој не смеел да дозволи ваков дипломатски дебакл и морал веднаш да интервенира.

Наместо да биде соучесник во историското ревидирање кое ја поткопува и деградира македонската сувереност, ги повикуваме Силјановска и ДПМНЕ јасно и гласно да се спротивстават на бугарските националистички барања и веднаш да стават крај на договорите и преговорите кои ја уриваат македонската државност и идентитет!

Политичка партија „Левица“

________________________________________________

МИА овие текстови ги објавува во интегрална и оригинална форма и не е одговорна за нивната содржина, ниту за евентуалните правописни недоследности или печатни грешки

Фото: Левица

Остани поврзан