• понеделник, 26 август 2024

Курти за промената на српските со косовски возачки дозволи: Србите направија значаен чекор кон интеграцијата

Курти за промената на српските со косовски возачки дозволи: Србите направија значаен чекор кон интеграцијата

Приштина, 25 август 2024 (МИА) – Косовскиот премиер, Албин Курти ја оцени промената на возачките дозволи издадени за косовски граѓани од српски органи во официјални на Република Косово, како важен чекор кон интеграцијата на Србите во државата, јави дописникот на МИА од Приштина.

Курти во објава на неговата страница на Фејсбук оцени дека периодот одреден за промена на српските со косовски возачки дозволи, со одредени олеснувања за тие што ќе го направат тоа, а кој траеше од мај до минатиот петок, 23 август, поминал без никаков инцидент или поплака.

„Нашите сограѓани од српската заедница направија важен чекор кон интеграција, масовно одговарајќи на повикот за аплицирање за конверзија на овој документ. Им благодарам на сите наши граѓани кои позитивно ја искористија оваа можност, како и на службениците од нашите институции во канцелариите и центрите за регистрација, за нивната работа и помагање на апликантите во овој процес“, напиша Курти.

Во рокот за нивна промена, кој започна на 9 мај, тоа го сториле 6.509 лица, најголемиот дел припадници на српската заедница од четирите општини во северно Косово, Северна Митровица, Звечан, Лепосавиќ и Зубин Поток, но и од други општини низ државата.

Од идната недела повеќе нема да биде дозволено да се вози со неважечки документ, изјави заменикот началник на полицијата за северниот регион, Ветон Ељшани.

Министерството за внатрешни работи на Косово одлучи од 9 мај годинава да им дозволи на Србите да ги претворат нелегалните возачки дозволи во РКС, без да имаат потреба да подлегнат на возачки испит.

Одлуката на Владата и на МВР да им обезбедат на Србите олеснувања за добивање косовски возачки дозволи ја поздравија САД, Велика Британија, Германија и Италија.

Постапката за добивање возачка дозвола на Република Косово трае петнаесет дена, а дозволата издадена од српските структури му се враќа на барателот како неважечка исправа.

Процесот на пререгистрација на возила од нелегални српски регистарски таблички со кратенки од градовите на Косово во РКС претходеше на промена на српските возачки дозволи со косовски.

Прашањето за пререгистрација на возила на крајот на 2022 година стана причина за низа кризи на северот на Косово, вклучително и излегување на Србите од косовските институции, протести, барикади и бојкот на изборите. Кризите кулминираа со вооружениот напад врз косовската полиција од страна на група Срби на 24 септември минатата година во Бањска кај Звечан. иа/рп/

Остани поврзан