• петок, 27 септември 2024

Изложбa на академскиот сликар Роберт Цветковски, 35 години творештво

Изложбa на академскиот сликар Роберт Цветковски, 35 години творештво

Крива Паланка, 15 септември 2024 (МИА) - Уметничката јавност во „Градот на културата за 2024“ синоќа сведочеше на импресивното творештво уметност на сликарско платно, дела од новата етапа во творештвото на академскиот сликар Роберт Цветковски од Крива Паланка со која авторот одбележа 35 години творештво.

Авторот истакна дека иако за многумина неговите дела се апстракција, за него тоа е еден чист реализам.

- Тој чист реализам отсликан од моето секојдневие, а произлегува директно од внатрешноста на еден уметник. Во делата се отсликани сите оние дневни, месечни или годишни случувања низ кои поминуваме сите ние, заеднички и иако понекогаш се обидувам да ги претставам и поставам во еден друг ред нештата, тие, верувајте, извираат во еден друг контекст, свесно или несвесно, рече Цветковски.

За делата говореше и Ѓорѓи Костовски, историчар на уметност од Градскиот музеј.

- За многумина од експресионистите, како и за Цветковски, сликата е дел од неговата душа. Секоја боја, секое движење е отсликување на одредени емоции и мисли. Сликата најчесто настанува многу брзо, молскавично, создавајќи се себе преку авторот, но нејзиното крајно обликување може да помине низ долг и мачен процес на реобмислување, ревносно смирено и естетско, рече Костовски.

Роберт Цветковски е уметнички амбасадор на Крива Паланка кој досега бележи бројни интернационални претставувања во САД, Кина, Германија, Португалија, Франција, Црна Гора, Македонија, а до крајот на годината ќе има самостојни изложби во Загреб, Хрватска и во КИЦ, Скопје.

Со изложбата во галеријата на ЛУ Градски музеј Крива Паланка одбележа три и пол децении творештво, преку 50- те дела што го отсликуваат секојдневието, траен белег на времето преточен преку текстура, материја, боја и симболи.

Изложбата е дел од манифестацијата „Крива Паланка - Град на културата за 2024“.ид/ар/
Фото: МИА 

 

Остани поврзан