„Гринпис“ побара јасни финансиски обврски и рокови од големите производители на фосилни горива
- Не ни требаат празни ветувања, туку многу повеќе, јасни заложби, изјави шефот на делегацијата на меѓународната невладина организација „Гринпис“ Џаспер Инвентер на КОП29 во Баку
Баку, 22 ноември 2024 (МИА) – Не ни требаат празни ветувања, туку многу повеќе, јасни заложби, изјави шефот на делегацијата на меѓународната невладина организација „Гринпис“ Џаспер Инвентер на КОП29 во Баку.
На прес-конференција неколку часа пред крајот на климатската конференција на ОН, претставниците на „Гринпис“ зборуваа за неуспехот на климатската правда, за пропуштените можности, за потребата од нагло намалување на штетните емисии во атмосферата, за отфрлањето на фосилните горива и одговорноста на богатите земји за судбината на земјите во развој.
- Часовникот отчукува. Не се работи само за суми кои се во согласност со очекувањата, туку и за очекувањата на милиони луѓе ширум светот, посочи Инвентер.
Додека извршниот директор на „Гринпис“ во Германија, Мартин Кајзер наведе дека „ако лидерите на земјите не можат да донесат важни одлуки, многу луѓе ќе умрат во екстремни климатски услови“.
Тој потсети на стотиците човечки жртви само во изминатите месеци од поплавите и тајфуните во Европа и Југоисточна Азија и предизвиканите штетите во висина од милијарди евра.
- Да се запрашаме колку вреди човечкиот живот, колку вредат животите на милиони, колку вредат животите на нашите деца и внуци. Човечкиот живот не се мери во евра или долари, наведе Кајзер.
Тој ги наведе бројките од Меѓународната агенција за енергетика (ИЕА), кои сугерираат дека е можно драстично намалување на фосилните горива и замена со обновливи извори, и ги повика владите да отворат простор за развој и консолидација на „зелените“ извори на енергија.
Кајзер повика на политики за постепено укинување на фосилните горива во новите национални планови за климата што треба да се донесат до февруари 2025 година.
Тој ја поздрави подготвеноста на Обединети Арапски Емирати да се откажат од фосилните горива и да инвестира во „зелена“ енергија и посочи дека ако земјите како Саудиска Арабија останат изолирани во нивната неподготвеност да го сторат тоа, тие веројатно ќе го променат својот став.
Важноста на климатското финансирање на земјите во развој беше истакната од Фред Ниху од „Гринпис“ – Африка. Тој потенцира дека африканските народи со живот ги плаќаат климатските промени, гладуваат, но мултинационалните компании продолжуваат да одбиваат да преземат одговорност.
- Развиените земји мора праведно да платат за своите постапки, а во спротивно ќе продолжи систематското уништување на заедниците во Африка, истакна Ниху. ми/
фото: МИА архива