• сабота, 23 ноември 2024

Граѓани и екоактивисти од Кочани трет ден го блокираат пристапот кон комуналната депонијата

Граѓани и екоактивисти од Кочани трет ден го блокираат пристапот кон комуналната депонијата

Кочани, 30 октомври 2024 (МИА) – Со слоганот „Сакаме чист воздух – не сакаме отпад од други општини“ граѓани и екоактивисти од Кочани трет ден го блокираат сообраќајниот пристап за возилата за транспорт на отпадот до комуналната депонија кај селото Бели.

Од надлежните општински и државни органи тие бараат да се спречи исфрлањето и палењето на отпадот на депонијата, на која освен од Кочани се депонира отпад и од соседните општини Виница и Зрновци. Главната причина за протестот и блокадата е загадувањето на воздухот и околината на локалитетот Тупанец, каде што е лоцирана депонијата.

- Нашето единствено прашање е зошто некој дозволува граѓаните да се трујат и да го загрозуваат своето здравје. Сметаме дека има начини да се реши проблемот, со обезбедување на влезот и околината на депонијата за да не им се дозволи на неовластени лица да влегуваат и да го палат отпадот. Ќе останеме на блокадата додека не се најде соодветно решение за сите нас, истакна Моне Ѓорѓиев, учесник на протестот.

Контејнерите и садовите за собирање отпад во трите општини се преполни и ѓубрето е расфрлано наоколу, а денеска градоначалниците и директорите на комуналните претпријатија од Кочани, Виница и Зрновци одржаа состанок на кој се разговараше за состојбата со депонијата.

-Општина Кочани побара од соседните општини да го стопираат дотурот на комуналниот отпад на Градската депонија во Кочани, сѐ до моментот на создавање услови за нејзино нормално функционирање, односно влегување на механизацијата на фирмата „Ескаваторе“, избран оператор за проектот за воспоставување Регионален систем за управување со отпад од Министерството за животна средина, Министерството за финансии и програмата ИПА 2 на Европската Унија и работа во насока на затворање на Градската депонија во Кочани. Исто така, побара од соседните општини во меѓувреме да изнајдат сопствени локации на кои, со одобрение на Министерството за животна средина ќе може да се депонира отпадот што се создава на нивната територија, се истакнува во писменото известување по состанокот.

Општините Виница и Зрновци предложиле, по нормализирањето на работата на депонијата во Кочани, да учествуваат со финансиски средства за обезбедување 24-часовна чуварска служба, како и за обезбедување механизација и фирма за одржување на депонијата.

Општина Кочани бара од Министерството за животна средина кофинансирање за одржување во функција на депонијата поради неможноста КЈП „Водовод“ – Кочани да се справи со дополнително наметнатите финансиски трошоци произлезени од проектот за воспоставување Регионален систем за управување со отпад.

По предлозите и заклучоците од денешниов состанок треба да се произнесе и Министерството за животна средина за да не дојде до загрозување и прекинување на реализацијата на европскиот проект за управување со отпад. та/ир/

Фото: МИА 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан