Гвардиола по продолжување на договорот со Сити: Имам навистина посебно чувство за овој клуб
- Менаџерот на Манчестер Сити, Пеп Гвардиола, кој го продолжи договорот на чело на тимот за уште две сезони, изјави дека има посебни чувства кон овој фудбалски клуб.
Манчестер, 22 ноември 2024 (МИА) - Менаџерот на Манчестер Сити, Пеп Гвардиола, кој го продолжи договорот на чело на тимот за уште две сезони, изјави дека има посебни чувства кон овој фудбалски клуб.
-Манчестер Сити ми значи многу. Ова е мојата деветта сезона овде. Доживеавме толку многу неверојатни моменти заедно. Имам навистина посебно чувство за овој клуб и затоа сум многу среќен што останувам уште две сезони, изјави Гвардиола, цитиран од медиумите на Островот
Претседателот на Манчестер Сити, Калдун Ал Мубарак изјави дека е воодушевен што патувањето на Пеп со Манчестер Сити ќе продолжи, „дозволувајќи на неговата посветеност, страст и иновативно размислување да продолжат да ја обликуваат играта“.
-Неговата глад за развој и успех останува ненаситна, а директни корисници ќе продолжат да бидат нашите играчи и стручниот штаб, културата на нашиот клуб и англискиот фудбал во целина, истакна Ал Мубарак.
Гвардиола го презеде Сити во 2016 година и оттогаш освои шест титули во Премиер лигата, вклучувајќи ги и последните четири во низа. дс
Фото: Архива