• сабота, 31 август 2024

Гаши учествува на Парламентарниот Самиот на НАТО во Вашингтон

Гаши учествува на Парламентарниот Самиот на НАТО во Вашингтон

Скопје, 8 јули 2024 (МИА) - Претседателот на Собранието Африм Гаши престојува во Вашингтон, каде ќе учествува на Парламентарниот самит на НАТО, во рамки на Самитот на Алијансата, по повод 75 години од нејзиното формирање. За време на настанот, Гаши утре ќе има свое обраќање.

Самитот, кој ќе се одржува утре, е во организација на Парламентарното собрание на Алијансата. Покрај претседателот на Собранието, поканети се и претседатели на парламенти и шефови на делегации во ПС на НАТО од сите други земји членки.

Како што соопштија од Собранието, на Самитот учествува и пратеникот Миле Талески, како в.д. претседател на Делегацијата на Собранието на Северна Македонија во ПС на НАТО.

Во текот на посетата на Вашингтон, предвидени се повеќе билатерални средби на Гаши со странски државници и високи американски претставници.

Делегацијата на Претставничкиот дом на САД во ПС на НАТО е домаќин на Парламентарниот самит, на кој ќе се соберат лидери на парламенти од 32 земји членки, како и Украина. Најавено е учество на 23 претседатели на парламенти.

Овој собир на високо ниво треба да ја покаже важноста на парламентарната димензија на Алијансата и да ги нагласи ставовите на сојузничките парламенти за клучните приоритети. бт/дма/

Фото: МИА Архива

 

Остани поврзан