• сабота, 23 ноември 2024

Во Утрехт изложба „5х10“, на дела на пет реномирани македонски фотографи

Во Утрехт изложба „5х10“, на дела на пет реномирани македонски фотографи

Утрехт, 21 септември 2024 (МИА) - Во Утрехт, Холандија, денеска ќе биде отворена изложбата „5х10“, која ќе ги обедини делата на пет реномирани македонски фотографи: Маја Аргакијева, Огнен Ацевски, Роберт Атанасовски, Зденко Петровски и Стефан Рајхл. Оваа групна изложба, составена од по 10 фотографии од секој фотограф, ќе прикаже повеќе од две децении фотографско творештво, фокусирано врз доловувањето моменти од музички фестивали и концерти во Македонија.

Како што соопштија од Скопје Синема Сити, фотографиите претставуваат уникатен приказ на културната и музичката сцена во земјата, каде што емоциите, енергијата и атмосферата на настапите се доловени преку објективите на овие фотографи.

- Овој настан не само што ја промовира македонската фотографија, туку и нуди можност за интеркултурна размена, покажувајќи ја поврзаноста помеѓу музиката и визуелната уметност пред интернационална публика. Претходно изложбата беше поставена во рамките на „Скопје Синема Сити“, фестивалот за музички документарни филмови, и имаше одличен прием кај публиката, се наведува во соопштението.

Изложбата е организирана од здружението „Номад-Арт“ Скопје, со поддршка на Министерството за култура на Република Северна Македонија и Македонската православна црковна општина во Утрехт, „Свети Стефан.“

- Настанот има за цел да го промовира македонското културно наследство, а истовремено и да им овозможи на уметниците да се претстават пред европската публика, стои во соопштението од Скопје Синема Сити. цр/лв/

Фото: Скопје Синема Сити

Остани поврзан