• сабота, 23 ноември 2024

Во Романија на 24 ноември ќе се одржи прв круг од претседателските избори

Во Романија на 24 ноември ќе се одржи прв круг од претседателските избори

Букурешт, 22 ноември 2024 (МИА) – Во Романија в недела се одржува прв круг од претседателските избори на кои учествуваат 13 кандидати, меѓу кои и актуелниот премиер, заменикот на генералниот секретар на НАТО и лидер на ултрадесничарска партија.

Во трката за наследник на Клаус Јоханис, на кого му истекува вториот мандат, фаворитите се премиерот и лидерот на Социјалдемократската партија (ПСД), Марсел Чолаку и лидерот на десничарскиот Сојуз за единство на Романцие (АУР) Георѓе Симион, кој најверојатно ќе оди во вториот круг на 8 декември.

Според анкетите, околу 25 проценти ќе освои Чолаку, 16 отсто – Симон, а поранешниот премиер и министер за одбрана Николаје Чука од Национално-либералната партија на десниот центар – 14 проценти од гласовите. Поранешната новинарка и лидерка на Сојузот да ја зачуваме Романија, Елена Ласкони има слична поддршка како и Чука, додека за независниот кандидат и актуелен заменик генерален секретар на НАТО, Мирчеа Џоана би гласале девет отсто од граѓаните.

Чолаку истакна дека има „јасен план за развиена Романија, која не остава никого зад себе, интерен план заснован на економски раст и инвестиции и план за поавторитативна и повлијателна Романија во странство, истакна Чолаку.

Според него во Романија има политички лидери кои го оспоруваат присуство во ЕУ и НАТО.

- Верувам дека екстремистите мора да бидат политички изолирани и дека ниту една влада не ги зема предвид, посочи Чолаку.

Симон вети дека ќе заземе поодлучен став во Брисел и оти ќе ги брани националните интереси во Романија. Тој е против испраќањето на воена помош за Украина, но оценува дека западните санкции кон Русија не се доволни, а претседателот Владимир Путин е воен злосторник.

Ласкони како приоритети ги наведе влезот на Романија во шенген зоната и борбата против корупцијата. Додека Џоана потенција дека Романија е голема земја, стратешки многу релевантна за партнерите и сојузниците и оти треба да стане вистински мултирегионален играч и сила.

Претседателот на Романија се избира на пет години и има значителни овластувања во надворешната политика и националната безбедност, а го назначува премиерот врз основа на резултатите од парламентарните избори.

Помеѓу двата претседателски избори, на 1 декември ќе се одржат и парламентарни избори. Анкетите предвидуваат дека на парламентарните избори ПСД ќе освои околу 30 отсто од гласовите, а АУР ќе биде на второ место, со околу 21 процент. ми/

фото: МИА архива

Остани поврзан