• недела, 01 септември 2024

Во Делчево започнаа активностите од првиот пилот- проект поврзан со телемедицината

Во Делчево започнаа активностите од првиот пилот- проект поврзан со телемедицината

Делчево, 9 август 2024 (МИА) - Во организација на Општина Делчево се одржа првиот состанок со претставници на Мрежата на Асоцијации на локални самоуправи на Југоисточна Европа - НАЛАС како дел од проектот со кој ќе се испорачуваат социјално-здравствени услуги на иновативен и паметен начин преку напредна технологија. 

Делчево е прва општина во земјава, каде ќе се спроведува пилот- проект поврзан со телемедицината, а засега како што истакна Јана Белчева Андреевска, одговорно лице за дигитализација на општините од Југоисточна Европа, Општина Делчево ефикасно ги завршила своите обврски во подготвување на прво пронаоѓање на доволен број на матични лекари кои ќе бидат опфатени со  имплементацијата на проектот.

-Овој проект нема да доживее квалитетна имплементација ако лекарите не се вклучат и не соработуваа. Тука се општината од една страна како носител на проектот, а потоа и матичните лекари кои ќе бидат вклучени и сертифицирани даватели на социјални услуги на општината. Мрежата на Асоцијации на локални самоуправи на Југоисточна Европа НАЛАС како организација која го донира и институционално го имплементира проектот на територијата на Македонија, секогаш ќе биде тука да помогне, да ги следи активностите и активно да биде вклучена во квалитетна реализација на овој проект, рече Белчева Андреевска.

Таа изрази надеж дека овој пилот - проект понатаму ќе се промовира и ќе се проширува низ други општини.

-Бенефитите ќе бидат за луѓето кои се отсечени од докторите, кои се оддалечени од квалитетна заштита како социјалната така и здравствена, но и на луѓето со попреченост. Очекуваме со овој проект да се намали притисокот врз матичните лекари, кои за основни потреби на пациентите, искористуваат поголем број часови од своето работно време. Со тоа се надеваме ќе може поквалитетно да се посветат на вистински болните пациенти, додаде Белчева Андреевска. 

Со проектот е предвидено поставување сертифицирана опрема, која ќе биде мониторинг станица што на одреден временски период ќе ја добие возрасно лице. Виталните параметри ќе ги прикажува графички и нумерички во реално времена централната станица монтирана кај матичен лекар. Давателите на социјални услуги ќе ги пренесуваат уредите кон нови лица, а кај оние каде има утврдена потреба од терапија утврдена од доктор, ќе им ја испорачуваат во домот. 

По одржаниот прв состанок, претставници од Општината, Црвен Крст Делчево, првиот социјален провајдер на социјални услуги ,,Бравуе Кооператива" и Мрежата на асоцијации на локални самоуправи (НАЛАС),  ја посетија ординацијата на  специјалистот по семејна медицина д-р Соња Мавродиева Георгиевска, Мулти Медика, која е една од петте установи која ќе врши далечински мониторинг и дијагностика на пациенти во домашни услови. 

-Посебно се радувам што пет ординации за почеток се вклучени да направиме нешто, да дадеме се од себе, да биде се како што треба, за да ги следиме пациентите. Пред се станува збор за тешко болни пациенти, кои потешко се движат и не се во можност секогаш да дојдат во здравствената установа. Тоа баш би било добро да ги следиме 24/7, ќе имаат поддршка и од семејството и од нас и од организацијата БРАВУРА, рече Мавродиева Георгиевска изразувајќи задоволство што се пионери во тој проект

Носител на проектот е Општина Делчево, а реализацијата е помогната од Мрежата на асоцијации на локални самоуправи НАЛАС, заедно со КДЗ, (Истражувачки центар за јавна администрација) од Австрија и со финансиска поддршка од Австриската агенција за развој.

Проектот ќе се реализира во текот на 2024 година при што се очекува да бидат опфатени голем број пациенти од општината, а предност ќе им се даде на стари и изнемоштени лица од руралните области. вс/вг/


Фото: МИА

Остани поврзан