• сабота, 23 ноември 2024

Борел: При посетата на Москва Орбан не ја претставува ЕУ на ниту еден начин 

Борел: При посетата на Москва Орбан не ја претставува ЕУ на ниту еден начин 

Брисел, 5 јули 2024 (МИА) - Посетата на унгарскиот премиер Виктор Орбан на Москва се одвива исклучиво во рамките на билатералните односи меѓу Унгарија и Русија и тој нема добиено никаков мандат од Советот на ЕУ за посета на земјата, порача високиот претставник на Унијата за надворешна политика и безбедност Жосеп Борел. 

- Унгарија сега е земјата членка на ЕУ која го извршува ротирачкото претседавање со Советот до 31 декември 2024 година, но тоа не повлекува никакво надворешно претставување на Унијата, што е одговорност на претседателот на Европскиот совет на ниво на шефови на држави или влади и на висок претставник на Унијата за надворешна политика и безбедност на министерско ниво, се додава во писмената изјава на Борел. 

Тој посочува дека позицијата на ЕУ за руската агресија врз Украина е изразена во многу заклучоци на Европскиот совет и таа ги исклучува официјалните контакти меѓу Унијата и рускиот претседател Владимир Путин. 

- Унгарскиот премиер не ја претставува ЕУ на ниту еден начин. Покрај тоа, вреди да потсетиме дека претседателот Путин е обвинет од Меѓународниот кривичен суд и издаден е налог за апсење за неговата улога во врска со присилната депортација на деца од Украина во Русија, додава Борел во писмената изјава. сп/

Фото: МИА Архива

Остани поврзан