• сабота, 23 ноември 2024

Борбата против корупцијата и дигитализацијата на услугите во фокус на 23 состанок на ЗКК

Борбата против корупцијата и дигитализацијата на услугите во фокус на 23 состанок на ЗКК

Скопје, 30 октомври 2024 (МИА) – Борбата против корупцијата, подобрувањето на функционалноста на локалните самоуправи и дигитализација на услугите беа во фокусот на дваесет и третиот состанок на Заедничкиот консултативен комитет меѓу Република Северна Македонија и Комитетот на регионите на Европската Унија (ЗКК). 

Во рамките на првата тема „Развој во процесот на пристапување на Република Северна Македонија кон ЕУ“ од состанокот што се одржува во Скопје, министерот за локална самоуправа, Златко Перински, истакна дека е приоритет да се подобрат условите за живеење во сите општини.

- Децентрализација на власт останува најважен принцип, приоритет е да се подобри функционалноста на локалната самоуправа. Предвидено е до крај на 2026 да бидат создадени сите предуслови за дигитализација на пакет услуги, рече министерот. 

Шефот за соработка од Делегацијата на ЕУ во нашата земја, Стефен Худолин, кажа дека состанокот е добра можност за мулти вмрежување.

- Овој состанок е во важен момент. Во клучен момент за иднината на ЕУ. Потребна е политичка волја за влез во ЕУ. Веруваме дека сцената е наместена. Она што треба да продолжи се реформите, посочи тој.

Патрик Молиноз, претседателот на Комисијата CIVEX (Комисија за државјанство, владеење, институционални и надворешни работи при Европскиот Комитет на региони, потенцираше дека е неопходно да се форсира децентрализацијата.

- Сами не сме ништо, може да растеме во светот само ако се залагаме и градиме посилна ЕУ. Децентрализацијата мора да се форсира и да биде главен дел од процесот за локалните самоуправи да добијат средства да ги остварат целите, рече тој.

Претседателот на ЗЕЛС и градоначалник на Општина Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски, зборуваше за улогата на локалните власти во процесот на пристапување на Македонија кон ЕУ посочувајќи дека 70 отсто од европското законодавство треба да се имплементира на локално. Ѓорѓиевски зборуваше и за европските средства од Планот за раст, од кои Македонија до крајот на годината треба да добие 50 милиони евра. Тој нагласи дека овие средства се потребни за да се достигнат европските стандарди, но не треба да пристигнуваат како услов. 

- Ние сепак веруваме дека ќе изнајдеме соодветни решенија, без вакви сериозни условувања на наша штета, а ја користам и оваа прилика да побарам поддршка од вас на овој наш пат. Она што не радува и ни влева надеж дека локалната власт конечно ќе фати чекор со имплементирање на посакуваните европски стандарди е односот што оваа Влада го има кон општините  и кон ЗЕЛС, рече тој.

Во втората тема на состанокот, посветена на дигиталната транзиција, Ѓорѓиевски ја истакна важноста на електронските услуги и прифаќањето на долгогодишното барање на ЗЕЛС за софтвер за електронска наплата на данокот.

Градоначалничката на Град Скопје и ко-претседавачка на состанокот, Данела Арсовска, истакна дека круцијалниот нотиран проблем е корупцијата. 

- Она кое што денеска го нотиравме е проблемот со корупцијата. Секој од членовите имаше препораки и целта на овој консултативен комитет е да ги слушнеме нивните знаења, она што тие го направиле да ги надминат овие проблеми и овој клучен проблем кој што е нотиран за РСМ да се разреши во моментот додека сме на патот за пристап кон ЕУ, рече таа.

Јасна Габриќ, член на Собрание на Општина Трбовље и член на европскиот Комитет на региони(КоП), истакна дека со помалку корупција, може да се верува дека ќе има подобар живот за повеќето од граѓаните.

- Ако успеете да се изборите со корупцијата и да направите големи чекори, ќе ја видите разликата во вашите земји. Луѓето, особено помладите генерации нема да си одат од државата и стандардот на живот ќе биде поголем, рече таа.

Заедницата на единиците на локалната самоуправа – ЗЕЛС, заедно со Министерството за локална самоуправа на Република Северна Македонија се домаќини на дваесет и третиот состанок на Заедничкиот консултативен комитет меѓу Република Северна Македонија и Комитетот на регионите на Европската Унија (ЗКК). Делегатите во ова тело се од редовите на градоначалници и советници од нашата земја и од земјите на Европската Унија.

Заедничкиот консултативен комитет помеѓу Република Северна Македонија и Комитетот на регионите на Европската Унија (ЗКК) го сочинуваат вкупно 22 делегати, односно по 11 делегати од двете страни, при што се избираат и нивни заменици, сите од редовите на градоначалници и советници. Со ова тело, кое одржува најмногу два состанока во текот на една година, од кои едниот во Брисел, а другиот во Скопје, заседаваат двајца ко- претседавачи. 

Актуелен ко- претседавач од нашата земја е Данела Арсовска, градоначалник на Град Скопје, а од страна на Комитетот на регионите е Јасна Габриќ, член на Собранието на Општина Трбовље (Република Словенија) и член на Европскиот Комитет на региони.

ЗКК е воспоставен уште во 2008 година, со цел да ја подготвува основата за проширување на ЕУ преку унапредување на политичкиот дијалог и соработка меѓу локалните и регионалните власти. ар/нд/

Фото: МИА

 

Остани поврзан