• Thursday, 05 February 2026

Јанков по сто дена мандат: финансиска стабилност, ред и отчетност во Општина Струмица

Јанков по сто дена мандат: финансиска стабилност, ред и отчетност во Општина Струмица

Струмица, 5 февруари 2026 (МИА) - Сто дена не се доволни за да се решат сите проблеми, но се доволни за да се постави јасна насока. Да се покаже начинот на работа и да се испрати порака каква Општина сакаме да градиме, објави градоначалникот на Струмица, Петар Јанков, на неговиот фејсбук профил во обраќањето за првите сто денови од мандатот.

-Во изминатиот период работевме посветено и транспарентно. Наш прв приоритет беше стабилизација, финансиска, организациска и институционална. Денес можам одговорно да кажам дека финансиската состојба на Општината е подобрена со салдо од над 111 милиони денари. Тоа е важен сигнал за сигурност, стабилност и одговорно управување. Истовремено, не бегавме, за жал, од наследените големи обврски. Исплатени се околу 18 милиони денари капитални субвенции кон јавните претпријатија, со што се обезбеди нивно непречено функционирање. Подмирен е долг од над 2 милиони денари за новиот градски парк во населбата Карпош, исплатени се обврски за електрична енергија за уличното осветлување, како и обврски кон здруженија, институции и партнери на општината - стои во објавата на струмичкиот градоначалник.

Додава дека во овие сто денови јасно покажале дека институциите мора да функционираат. 

-Општинските инспекциски служби работеа интензивно и координирано. Во овој период беа спроведени над 212 инспекциски надзори во различни области, од животната средина и јавната чистота, па до градењето, сообраќајот, домувањето и образованието. Таму каде што имаше неправилности, беа преземени мерки. Пораката е јасна, редот и јавниот интерес се приоритет, напиша Јанков.

Посочува дека е посебно горд што овие сто дена биле обележани со постојан дијалог со граѓаните, со бизнис заедницата, со здруженијата и институциите и дека  Општината повторно станува дом отворен за сите.

-Фокусот беше јасен, подобрување на комуналните услуги и јавната хигиена, ефикасна и достапна општинска администрација, поддршка на образованието, спортот и културата, директна, искрена комуникација со граѓаните - се наведува во објавата.

Во своето обраќање струмичкиот градоначалник потенцира дека претстои многу работа, но и јасна визија - Општина што се развива рамномерно. Општина во која институциите работат за граѓаните, а не обратно, и Општина во која иднината се планира, а не се остава на случајност. рт/дма/

Фото: МИА архива