• Wednesday, 25 February 2026

Јавна расправа за новиот закон за високо образование денеска на Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип

Јавна расправа за новиот закон за високо образование денеска на Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип

Скопје, 24 февруари 2026 (МИА) - На Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип, денеска, од 18 часот, ќе се одржи јавна дебата за предлог-законот за високо образование во рамките на серијата дискусии на  јавните универзитети, на кои присуствува министерката за образование и наука, Весна Јаневска. 

Јавни дебати беа одржани на Универзитетот „Мајка Тереза“ - Скопје, Универзитетот „Св. Климент Охридски“ - Битола и вчера на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ - Скопје и во Македонската академија на науките и уметностите.

Законот за високото образование и законот за квалитет во високото образование се поставени на националниот регистар на прописи (ЕНЕР), а засегнатите може да праќаат коментари и на двете е-адреси на МОН за двата предложени закона. На ЕНЕР од саботата е поставен и текстот на новиот закон за научноистражувачка дејност. 

Министерката Јаневска соопшти дека сите предлози што се конструктивни ќе бидат прифатени, а техничките грешки во законите ќе бидат исправени. Сите аргументирани забелешки за кои работната група смета дека се прифатливи, рече таа, ќе бидат внесени во предложениот текст и потоа тој ќе остане уште неколку дена на ЕНЕР пред да оди во владина процедура. 

- Дебатите ги одржуваме за да дојдеме до едно заедничко, по можност најдобро решение, затоа што Министерството за образование и наука не е спротивставена страна, туку, напротив, во соработка со универзитетите МОН го почна и на ист начин и ќе го заврши законот - изјави министерката Јаневска вчера пред почетокот на јавната дебата на УКИМ.

Таа регира на тоа што се пласираат неточни информации во јавноста, кои, рече, најмногу ѝ штетат на државата, а не на министерот.  

- Деновиве се изнаслушавме дезинформации и ,би рекла, конкретни лаги дека се укинува вонредното студирање, дека државата не финансира објавување научноистражувачки трудови итн. Лагите и дезинформациите претпоставувам треба да бидат на штета на министерот или на партијата, но во суштина се штета на државата и на младите луѓе што живеат во неа. Оттука, апелирам дека треба да се престане со тоа затоа што сме отворени за секоја конструктивна критика. И како што веќе реков, сè што сметаме дека е во ред, ќе биде внесено во законот и веќе и се внесува за што е можно побргу да ја завршиме работата - изјави Јаневска додавајќи дека очекува дискусија на академско ниво. хс/лв/

Фото: МИА