Хуманитарен Велигденски саем во организација на Македонски Каритас
- Целта на саемот е да се поттикне солидарноста и хуманоста во општеството, како и да се обезбеди поддршка за најранливите категории граѓани.
Скопје, 29 март 2026 (МИА) - Македонски Каритас, хуманитарно-добротворна организација на Католичката црква во Македонија, и оваа година го организира традиционалниот Хуманитарен Велигденски саем, во пресрет на најголемиот христијански празник – Велигден.
Велигденскиот саем под мотото „Поврзани со Христа, одејќи заедно“, ќе се одржи денеска, од 11:30 до 14:00 часот, а целта е да се поттикне солидарноста и хуманоста во општеството, како и да се обезбеди поддршка за најранливите категории граѓани.
Целиот приход од саемот ќе биде наменет за корисниците на Македонски Каритас – сиромашни семејства, стари и осамени лица, лица со попреченост, хронично болни, самохрани родители, како и бегалци и мигранти.
Посетителите ќе имаат можност да купат рачно изработени велигденски украси, свеќи, предмети од глина, како и домашно подготвена храна, изработени со многу труд и љубов од
корисниците и волонтерите на организацијата.
-Настанот претставува повик до сите граѓани, компании и институции да се вклучат и да дадат свој придонес во градењето на похумано и посолидарно општество, наведуваат од Македонски Каритас. мч/вг/
фото: МИА архива