Ученичките од „Ѓорѓи Димитров“ наградени за документарецот за македонскиот рубин на средба со министерката Божиновска
- Станува збор за Марија Ташевска, Јасемин Демировска и Ангела Ристовска, заедно со нивната професорка Марина Иванова, кои во рамките на предметот Говорење и пишување изработиле документарен филм посветен на македонскиот рубин - тема што отвора важни прашања за природните и минералните богатства на нашата земја, информираа утрово од Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини
- Post By Блаже Дарудов
- 09:42, 19 March, 2026
Скопје, 19 март 2026 (МИА) - Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска оствари средба со ученичките од трета година од гимназијата „Ѓорѓи Димитров“ во Скопје, кои со својот труд и креативност постигнаа значаен успех на национално ниво.
Станува збор за Марија Ташевска, Јасемин Демировска и Ангела Ристовска, заедно со нивната професорка Марина Иванова, кои во рамките на предметот Говорење и пишување изработиле документарен филм посветен на македонскиот рубин - тема што отвора важни прашања за природните и минералните богатства на нашата земја, информираа утрово од Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини.
Нивниот филм беше претставен на државниот фестивал за непрофесионален филм, во организација на Народната техника, каде што во конкуренција на 40-ина филма освоија сребрена награда.
Министерката Божиновска ја поздрави нивната иницијатива истакнувајќи дека ваквите примери го покажуваат потенцијалот на младите да ги истражуваат и афирмираат вредностите на сопствената земја. Таа нагласи дека македонскиот рубин претставува дел од националниот идентитет и значајно природно богатство.
- Особено ме радува што младите избираат да зборуваат за теми што се директно поврзани со нашите природни ресурси и богатства. Македонскиот рубин не е само минерал - тој е дел од нашиот идентитет и вистинско богатство. Ваквите иницијативи треба да се поттикнуваат и поддржуваат бидејќи знаењето и свесноста почнуваат токму од младите генерации - истакна Божиновска.
На средбата била нагласена потребата од поголема едукација и вклученост на младите во теми поврзани со енергетиката, рударството и одржливото користење на природните ресурси, како и важноста од нивно активно учество во градењето идни политики.
Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини потенцира дека останува отворено за поддршка на вакви иницијативи, кои не само што ја промовираат креативноста туку и ја јакнат свеста за вредностите што ги поседува нашата земја. бд/дма/
Фото: Министерство за енергетика, рударство и минерални суровини