Успешна крводарителска акција во Делчево со 87 единици крв
- Граѓаните активно се вклучија во хуманитарната иницијатива на Црвениот крст
Делчево, 5 февруари 2026 (МИА) - Во Делчево денес се одржа крводарителска акција организирана од Општинската организација на Црвен крст - Делчево, во соработка со Институтот за трансфузиона медицина од Скопје. Акцијата се реализираше во просториите на Црвениот крст, а граѓаните покажаа голема хуманост, со што беа собрани вкупно 87 крвни единици.
Претставниците на Црвениот крст изразија благодарност на сите кои се одзваа на денешниот повик за хуманост.
-Секоја единица крв е можност за спасување на човечки живот. Благодарни сме на сите кои се одзваа на оваа повик за хуманост, а особено на младите и редовните крводарители кои со својата поддршка ја покажуваат вистинската сила на заедништвото. истакнаа од Црвен крст Делчево.
Акцијата е дел од редовните напори на Црвениот крст за обезбедување доволни залихи на крв, особено за потребите на болниците во земјата.
-Хуманоста и солидарноста што ја покажуваат граѓаните е суштинска за спасување животи и поддршка на пациентите во критични ситуации. Акциите како оваа покажуваат дека хуманоста не познава граници – заедно можеме да направиме значителна разлика во животите на оние кои најмногу ни се потребни, додадоа од делчевската организација.
Оттаму информираа дека утре (петок, 6 февруари 2026) ќе се спроведе нова крводарителска акција во Делчево, овојпат со учество на полицијата и вработените од Регионалниот центар за гранични работи Исток, со цел дополнително да се зголеми бројот на крвни единици за потребите на медицинските установи. вс/вј/
Фото: МИА