Активистот Суад Мисини ја донира куќата за прибежиште за ранливи граѓани - од лична загуба до јавна надеж
- Суад Мисини, кој и е познат на јавноста како долгогодишниот активист и борец за човекови права, се најде во центарот на внимание по соопштувањето на одлуката својот дом да го претвори во пристаниште за оние кои најмногу имаат потреба од тоа - на жртви на семејно насилство, деца без родители и родителска грижа, и на останати категории социјално загрозени граѓани. Ваквиот благороден гест веднаш беше забележан и поздравен со бројни коментари од граѓани.
- Post By Фатиме Фазљији
- 11:33, 29 March, 2026
Скопје, 29 март 2026 (МИА)
Фатиме ФАЗЉИЈИ
Суад Мисини, кој и е познат на јавноста како долгогодишниот активист и борец за човекови права, се најде во центарот на внимание по соопштувањето на одлуката својот дом да го претвори во пристаниште за оние кои најмногу имаат потреба од тоа - на жртви на семејно насилство, деца без родители и родителска грижа, и на останати категории социјално загрозени граѓани. Ваквиот благороден гест веднаш беше забележан и поздравен со бројни коментари од граѓани.
Тој својата намера ја објави на социјалните мрежи, но како што вели, не со намера да привлече внимание за себе, тука да побара помош за спроведување на оваа своја хумана идеја во реалност. За да ја реализира потребна му е донација за рехабилитација и адаптација на куќата, а на неговиот апел стигнаа и понуди од архитекти.
Мисини во изјава за МИА раскажува дека иницијативата произлегла од неговото долгогодишно искуство, но и од силна лична болка – загубата на сопругата Азбија Мемедова која цел живот му го посветила на хуманитарниот ангажман.
-Јас сум експерт за човекови права и голем дел од животот, заедно со организацијата Истражувачки центар за граѓанско општество, го поминав во промоција и директна заштита на човековите права на најразлични категории граѓани. Во тие активности, многу често бев во директна комуникација со безброј државни институции – министерства, судови, полиција, центри за социјална работа... Од сопствено децениско искуство можам да кажам дека социјалниот систем и поставеноста на таа инфраструктура е ужас за обичниот граѓанин. И за децата кои се во неповолна општествено социјална положба – особено, вели тој.
Главниот мотив, како што нагласува, сепак, е длабоко личен - заминувањето на неговата сопруга, Азбија Мемедова. Жената која, како што вели, „можеше да помрдне планини“ во животите на луѓето, посветувајќи ги своите години на работа со деца од улица, социјално ранливи групи, жени и самохрани родители.
-Нејзината бескрајна посветеност на таа кауза е мотивот зошто сметаме дека е потребно нешто дополнително да направиме, макар малку, да покажеме низ конкретен пример и ангажман, како таа нејзина кауза ќе може да продолжи, рече тој.

Планираното „пристаниште“ е замислено како безбеден простор за деца од социјално загрозени средини, но и како поширок заеднички центар за поддршка и едукација. Појаснува дека услугите за корисниците ќе бидат целосно бесплатни, врз основа на прецизни критериуми и постапки.
-Децата од социјално загрозен бекграунд ќе можат да најдат поддршка, физичка, психолошка и развојна помош. Ќе можат да дојдат на одмор, на едукација, на обука...Тоа ќе биде место - отскочна даска за побезбедна и просперитетна иднина, објаснува тој.
Освен тоа, како што ни објасни Мисини, местото ќе има и еколошка компонента – хаб кој ќе ги едуцира посетителите за природата, здрава околина, здрава храна, но и за вредностите како што се почитта, солидарноста и активизмот.

Мисини потенцира дека иницијативата веќе наидува на поддршка од јавноста.
-Се јавуваат луѓе подготвени да ни ги доверaт своите потенцијали, донации, експертиза и имоти, вели тој.
Во иднина планот е концептот да се шири – географски и содржински – преку соработка со организации, институции и професионални тела.
Пристаништето ќе функцира како граѓанска иницијатива
По завршувањето на преадаптацијата на просторот, Мисини вели дека пристаништето ќе функционира како класична граѓанска иницијатива, раководена од него додека не стане самоодржливо.
-Јас директно ќе го раководам, сè додека не стане самоодржливо. Потоа ќе го реплицираме системот и понатаму. Нема да се отстапува на државата – таа е традиционално лош стопан, а и не е заинтересирана. Оттаму и повикот граѓаните да се мобилизираат повеќе, вели иницијаторот.
Сепак, како што нагласува Мисини, соработката со институциите нема да изостане.

-Ќе им излегуваме во пресрет секогаш кога ќе биде можно. Нашата цел не е да ги супституираме нивните функции, туку да понудиме модел како тие да се реализираат поефективно, по највисоки правни и цивилизациски стандарди, рече тој.
Мисини посочува дека нивната визија е да понудат простор или простори во кои овој модел би функционирал најмалку во наредните 100 години. Во иднина планот е концептот да се шири – географски и содржински, преку соработка со организации, институции и професионални тела.
И покрај разочарувањата од системот, Мисини верува во луѓето.
-Без оглед на сè, секогаш ќе ги најдеме оние најдобрите, заклучува Мисини, уверeн дека личната трагедија може да прерасне во јавна надеж.
Фото: Архива на Суад Мисини/Принтскрин од видеа