• Wednesday, 21 January 2026

РСБСП со апел за зголемена безбедност на децата во сообраќајот

РСБСП со апел за зголемена безбедност на децата во сообраќајот

Скопје, 20 јануари 2026 (МИА) - Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата (РСБСП) на почетокот на второто полугодие потсетува дека непочитувањето на сообраќајните правила претставува сериозен ризик за безбедноста на децата и може да доведе до тешки последици и нагласува дека безбедноста во сообраќајот е заедничка одговорност и бара континуирано внимание, дисциплина и соработка од сите.

- Со почнувањето на второто полугодие од учебната година се зголемува присуството на деца како пешаци и учесници во сообраќајот, особено во зоните околу основните училишта и детските градинки. Имајќи ја предвид нивната ранливост и ограничената способност за навремена процена на сообраќајните ситуации, безбедноста на децата во сообраќајот претставува приоритет од највисок јавен интерес. Во овој период на зголемен интензитет на сообраќај РСБСП упатува апел до сите учесници во сообраќајот за строго почитување на сообраќајните правила и зголемена внимателност, особено во близина на училишта, пешачки премини и зони со смирен сообраќај - велат од РСБСП.

Апелираат до возачите и родителите да ја приспособат брзината на движење во согласност со поставената сообраќајна сигнализација и условите на патот; да покажат зголемена внимателност и подготвеност за ненадејни реакции на децата, да не паркираат возила на места со намалена прегледност, особено во близина на пешачки премини и влезови на училишта; и континуирано да разговараат со децата за правилно и безбедно движење во сообраќајот и да бидат пример со сопственото однесување.

На децата пешаци им порачуваат дека улицата се поминува исклучиво на обележан пешачки премин; пред преминување задолжително да се застане и внимателно да се погледне лево, десно и повторно лево; да не се истрчува на коловозот и улицата да се поминува со нормален чекор; да се користи тротоарот или пешачката патека, а доколку не постојат, движењето да биде по левата страна од коловозот; и улицата да не се користи за игра и престој.

- РСБСП во соработка со Министерството за внатрешни работи и Министерството за образование и наука континуирано ги реализира превентивно-едукативните активности во рамките на кампањата „Да ги заштитиме децата во сообраќајот“, насочени кон унапредување на сообраќајната култура и подигање на нивото на безбедно однесување кај најмладите учесници во сообраќајот. Преку едукативни предавања и практични активности во образовните установи децата стекнуваат основни знаења и вештини за безбедно учество во сообраќајот. Истовремено, се нагласува значењето на улогата на родителите и возачите како клучни фактори во градењето безбедни навики и одговорно однесување - посочуваат од Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата.вј/са/

Фото: МИА архива

 

 

 

 

You May Also Like