• Wednesday, 21 January 2026

„Реплек“ АД Скопје најавува отворање нов производствен погон

„Реплек“ АД Скопје најавува отворање нов производствен погон

Скопје, 20 јануари 2026 (МИА) - „Реплек“ АД Скопје најавува отворање нов производствен погон во втората половина од 2026 година, вреден пет милиони евра. Како што рече денеска генералниот директор Душан Пецоски, компанијата 2025 година ја завршила со 34 милиони евра продажба и пет милиони евра нето добивка. 

„Реплек“ АД, напомена Пецоски, го почитува домашниот пазар, но, сепак, перспективата најмногу ја гледа во странските пазари. 

-Сите овие инвестиции и развојни проекти нема да застанат тука. Ние како извозно-ориентирана компанија го почитуваме домашниот пазар, но, сепак, перспективата најмногу ја гледаме во странските пазари. Лани забележавме 40 отсто зголемување на добивката, а присутни сме на 25 пазари во светот со тенденција до 2030 година да бидеме присутни во 40 земји. Затоа инвестираме во нови погони, инвестираме и во претставништва во регионот. Во овој дух работиме осум децении, но значителни исчекори се направени во изминатите 4-5 години. Исчекор е направен во продажбата, нашиот обрт е зголемен три пати, а добивката пет пати. Очекуваме и во наредните години „Реплек“ да бележи двоцифрен раст. Се ова немаше да биде можно без сериозните вложувања во луѓето, во човечките ресурси, во кадрите на нашата компанија, истакна Пецоски кој со својот тим беше домаќин на делегација од Стопанската комора, предводена од нејзиниот претседател Бранко Азески.

Азески имаше можност да го види погонот што беше пуштен во употребата лани летото, а е италијанска инвестиција од два милиона евра.

-Бројките што ги кажавте зборуваат многу. Сведоци сме дека најголем дел од македонските стоки завршуваат на западно-европските пазари, што е доказ дека се признати, ценети и може да се носат во однос на конкуренцијата. Но, ни недостасува подобра организација внатре во државата. Значителни средства од социјалата може да се пренаменат за развој, значителни средства од непотребните трошења треба да се насочат кон развој, така ќе се симне цената на производот и услугата и ќе бидеме конкурентни, истакна Азески.

Во однос на освојувањето нови странски пазари, тој информира дека Комората и Владата подготвуваат посебна програма.

-Министерот Муцунски со свои екипи беше во коморите и разговараше, сите што имаат намера да се приклучат на нови пазари и имаат конкретни зделки ќе го придружуваат премиерот на неговите патувања годинава, а ќе имаат и патувања со премиерите на земјите од Западен Балкан. Овој месец со Владата ќе потпишеме документ за поддршка на платформа за инвестициски активности, а се работи и на друга, тн. мост прграма за инфраструктурата - за нова платформа за подобрување на состојбите на целиот Блакан, информира Азески и најави поддршка на извозните активности за фирмите.

„Реплек“ АД Скопје минатата година одбележа јубилеј - осум децении постоење. мч/сст/

фото: МИА

 

You May Also Like