• Thursday, 09 April 2026

Работилница наменета за државните институции за плаќањето преку СЕПА

Работилница наменета за државните институции за плаќањето преку СЕПА

Скопје, 7 април 2026 (МИА) - Народната банка соопшти дека организирала работилница наменета за државните институции за практичните аспекти при вршење плаќања во евра во Единствената област за плаќања во евра (СЕПА).

- Ова е прва ваква работилница наменета за државата и државните органи, на која присуствуваа вработени од 60-ина институции, кои се вклучени директно во извршувањето одливни и приливни плаќања со странство - информира централната банка.

Во текот на дискусијата било оценето дека СЕПА овозможува побрзи, поевтини и потранспарентни плаќања во евра, со предвидливи трошоци и поедноставени процедури. Со плаќањата преку СЕПА државните институции имаат значително пониски надоместоци за одливните плаќања и намалени надоместоци за приливите во споредба со кореспондентното банкарство, што значи значителна заштеда за државните институции кои редовно вршат плаќање во четириесетте земји од СЕПА, особено кај плаќањата поголеми износи.

Работилницата е дел од активностите на Народната банка за појаснување на можностите за подобро искористување на придобивките по оперативното приклучување на Народната банка кон СЕПА. бак/вг/

Фото: Народна банка

You May Also Like