Отворен ден за пилоти во организација на Wizz Air
- Авиокомпанијата Wizz Air организира отворен ден за пилоти, со цел поддршка на растот и развојот на своите операции во Скопје.
- Post By Борис Куноски
- 06:45, 9 April, 2026
Скопје, 9 април 2026 (МИА) - Авиокомпанијата Wizz Air организира отворен ден за пилоти, со цел поддршка на растот и развојот на своите операции во Скопје. Отворениот ден ќе биде организиран во две области – за искусни пилоти, капетани, копилоти и кадети, како и посебен сегмент на Wizz Air Pilot Academy, наменет за идни пилоти кои се на почетокот од своето авијациско патување.
Настанот, според организаторот, нуди можност на заинтересираните кандидати да се информираат за можностите за вработување и развој на кариера во една од најбрзо растечките авиокомпании во Европа.
- Овој отворен ден во Скопје е осмислен за да се поврземе со таленти во секоја фаза од нивната авијациска кариера. Настанот обезбедува јасен пат кон успешна кариера во една од најмладите флоти во Европа, со фокус на одлична услуга, сигурност и вредност за патниците“, појаснува Вера Јардан, менаџер за корпоративни комуникации во Wizz Air.
Авиокомпанијата располага со модерна флота од авиони Airbus A320 и A321neo и нуди отворени позиции за пилоти со A321 лиценца, како и за кандидати без лиценца.
На настанот ќе бидат презентирани информации за операциите на авиокомпанијата, процесот на регрутација и програмите за обука, а учесниците ќе имаат можност директно да се сретнат со претставници на Wizz Air и да поставуваат прашања поврзани со пилотската кариера и академската патека. бк/бак/
фото: МИА