• Thursday, 09 April 2026

Доживотните казни за убиствата на Вања и Панче на расправа пред Апелација

Доживотните казни за убиствата на Вања и Панче на расправа пред Апелација

Скопје, 9 април 2026 (МИА) - Апелацискиот суд во Скопје денеска ќе одржи јавна седница по поднесените жалби на првостепената пресуда за грабнувањата и убиствата на 14-годишната Вања Ѓорчевска од Скопје и 74-годишниот Панче Жежовски од Велес, со која Љупчо Палевски, Велибор Манев, Боре Видевски и Влатко Кешишев беа осудени на доживотен затвор.

Предметот е во второстепена постапка по жалбите поднесени од одбраната и од Основното јавно обвинителство, кое се жали во делот на ослободителната пресуда за таткото на Вања, Александар Ѓорчевски, како и за второто дело на обвинетите. 

Основниот кривичен суд Скопје на 25 јуни 2025 година ги осуди Љупчо Палевски, Велибор Манев, Боре Видевски и Влатко Кешишев на доживотен затвор за кривичните дела грабнување и свирепо убиство на двете жртви, а Александар Ѓорчевски беше ослободен од обвинението поради недостиг на докази. 

Според обвинението, обвинетите заедно испланирале грабнување на 14-годишната Вања со цел да присилат член на нејзиното потесно семејство да даде пари за откуп. Грабнувањето на оштетениот Панче Жежовски во Велес, пак, било со намера да го присилат да им го даде неговото возило за да го користат за грабнување на девојчето во Скопје.

Малолетната Вања и велешанецот Панче беа пријавени за исчезнати на 27 и 24 ноември, а на 3 декември 2023 година беа пронајдени мртви во близина на Скопје и Велес. ар/бак/
Фото:МИА архива 

 

You May Also Like