Завршен настан на проектот „Создавање традиционални носии на македонското, влашкото и ромското национално малцинство во регионот на Корча"
- Во просторите на Педагошкиот факултет при Универзитетот „Фан Ноли" во Корча, Албанија се одржа завршниот настан на проектот „Создавање традиционални носии на македонското, влашкото и ромското национално малцинство во регионот на Корча".
Дебар, 6 декември 2025 (МИА) - Во просторите на Педагошкиот факултет при Универзитетот „Фан Ноли" во Корча, Албанија се одржа завршниот настан на проектот „Создавање традиционални носии на македонското, влашкото и ромското национално малцинство во регионот на Корча".
Настанот го организираше Македонското друштво „Сонце“ во соработка со Педагошкиот факултет, а со поддршка на Комитетот за национални малцинства на Република Албанија.
-На овој важен настан присуствуваше првиот секретар во македонската амбасада во Тирана, Радмила Стојмировска. Во рамки на настанот беа презентирани традиционалните носии на трите малцинства кои беа изработени со голема љубов и посветеност од страна на познатата костимографка Лирика Појани од Корча. Со оваа иницијатива се истакнува важноста на зачувување на културното наследство и идентитетот на трите заедници, објави Амбасадата.

Се додава, дека дополнително била промовирана информативната брошура посветена на историјата и значењето на овие носии, подготвена од Васил Стерјовски, која ќе „послужи како важен ресурс за размена на културни информации и зајакнување на меѓусебното разбирање помеѓу заедниците".
На настанот учествувале бројни претставници на локалната и регионалната власт од Мала Преспа и Корча, како и бројни претставници на академската заедница и националните малцинства од корчанскиот крај.
-Се радуваме на организацијата на ваквите настани, кои ја истакнуваат културната разноликост на Албанија и автентичната улога на македонското национално малцинство во културниот мозаик на албанското општество, посочуваат од македонската Амбасада. вт/фф/
Фото: Македонска амбасада-Тирана