• Thursday, 05 February 2026

Годишниот извештај за УГД - Штип на собраниска комисија: научни истражувања, интернационализација и дигитализација - приоритети на Универзитетот

Годишниот извештај за УГД - Штип на собраниска комисија: научни истражувања, интернационализација и дигитализација - приоритети на Универзитетот

Скопје, 5 февруари 2026 (МИА) - Собраниската Комисија за образование, наука и спорт денеска го разгледа годишниот извештај за работата на ректорот на УГД - Штип за периодот 2024 - 2025 година. 

За извештајниот период (1 октомври 2024 - 1 октомври 2025) зборуваше проректорот на УГД, проф. д-р Дарко Лазаров, кој истакна дека приоритетите на Универзитетот, кој постои 18 години, се јакнење на научнооистражувачките капацитети, интернационализацијата и надградување на дигиталната инфраструктура.

Лазаров соошти дека УГД има 550 редовни вработени, од кои 181 се редовни професори. Во тековната академска 2025 - 2026 година имаат 1.720 студенти на прв, втор и на трет студиски циклус. 

- На прв циклус имаме 1.461 студент. Имаме и странски студенти, најмногу на Правниот факултет и на студиите по информатика. Задоволни сме од бројот со оглед на трендот на иселување што го имаме на истокот - рече Лазаров.  

Соопшти дека во извештајниот период побарале 40 вработувања, од кои 30 за наставно-научен кадар и десет за административен. За жал, рече, реализирале само четири вработувања - за четири наставници и за еден асистент.

- Во 2026 година приоритет ни е вработувањето, особено асистенти на факултетите на кои има голема потреба - рече Лазаров на комисиската седница.

Нагласи дека се гордее на научноистражувачката работа на Универзитетот затоа што нивни професори имаат објавено повеќе од сто труда во списанија со фактор на влијане, притоа посочувајќи дека „Гоце Делчев“ е прв меѓу македонските универзитети според бројот на објавени научни трудови од професор. 

Покрај проекти што ги реализира со сопстевни средства, УГД има поддршка и од МОН - оваа година на повикот за проекти од Министерството добил речиси 200.000 евра, кои ќе бидат инвестирани во нови лаборатории. Во однос на финансиите, проеректорот соопшти дека УГД во текот на годините го зголемува вишокот приходи и за 2025 заштедиле 243 милиони денари, т.е. речиси 4,5 милиони евра, посочувајќи дека имаат идеи за инвестиции и во наредниот период. 

УГД е посветен и на силна интернационализација. Во 2024 година штипскиот универзитет се приклучи и кон ACE²EU - Европска универзитетска алијанса, во која се осум универзитети од ЕУ. Како што рече Лазаров, УГД во Алијансата има силна позиција со буџет од речиси 2 милиона евра, од кои најголем дел е за студентска мобилност. 

- Се гордееме на тоа дека активно и рамноправно учествуваме со сите партнери во Алијансата и ова е голема придобивка за нашите студенти. Првата година од членството ја почнавме со приспособување, а крајната цел е да имаме заеднички дипломи со сите други осум универзитети - истакна проректорот. 

Лазаров информира и дека имаат развиена дигитална инфратструктура во која постојано се инвестира. Како што рече, на УГД нема хартиени документи, повеќето од процесите се дигитализирани за што од Европската комисија оваа година добиле награда „Дигитални шампиони“ во рамките на образовната програма „Еразмус+“. 

Истакна и дека УГД е општествено одговорен универзитет, така што ги ослободува од партиципација студентите од социјално ранливите категории. Исто така, ослободени од партиципација на УГД се и студентите со просечна оценка над 9,5, како и оние што се запишуваат на студиите за македонски јазик.

Пратениците од матичната собраниска комисија му го честитаа успехот на УГД оценувајќи дека Универзитетот во Штип се движи во правилна насока, а за годишниот извештај 2024 - 2025 посочија дека е сериозен показател за стабилноста и развојот на оваа отворена и европски ориентирана високообразовна институција. Беше истакнато дека УГД влијае на задржувањето на младите во земјата бидејќи со вложувањата создава услови тие да ја градат иднината овде. 

По исцрпувањето на расправата, пратеничката Благица Ласовска беше назначена за известувач од комисиската седница. Таа заклучи дека со сето она што го прави, Универзитетот „Гоце Делчев“ - Штип го оправдал своето постоење.

- Навистина го оправдавте она што во 2007 беше само идеја - истакна Ласовска и додаде дека УГД ги поткрева научните критериуми што треба да се задоволат за државата да се качи погоре во рангирањето на Шангајската листа. хс/са/ 

Фото: принтскрин / Собрание РСМ