Врховниот суд на Русија одлучува за забраната на групата за човекови права „Меморијал“
- Министерството за правда поднесе барање „Меморијал“ да биде прогласена за екстремистичко меѓународно движење и да се забранат нејзините активности во Русија, пренесе ДПА повикувајќи се на руските државни медиуми
- Post By Сашко Димевски
- 07:46, 9 April, 2026
Москва, 9 април 2026 (МИА) - Врховниот суд на Русија денеска треба да ги сослуша аргументите за тоа дали да ја забрани водечката организација за човекови права „Меморијал“.
Рочиштето денеска ќе се одржи зад затворени врати.
Министерството за правда поднесе барање „Меморијал“ да биде прогласена за екстремистичко меѓународно движење и да се забранат нејзините активности во Русија, пренесе ДПА повикувајќи се на руските државни медиуми.
Основана во 1989 година, оваа организација се залага за истраги на советските злосторства и заштита на човековите права во Русија.
Руските власти веќе некое време преземаат мерки против „Меморијал“, потсетува германската агенција.
По контроверзната судска одлука во 2021 година, беа распуштени централните структури на „Меморијал“ во Москва, а многу нејзини членови беа принудени да заминат во егзил.
„Меморијал“ соопшти дека најновиот чекор на руските власти се заканува да криминализира многу волонтери, поддржувачи и донатори во Русија.
„Меморијал“ ја освои Нобеловата награда за мир во 2022 година, делејќи ја со лауреати од Украина и Белорусија, потсетува ДПА.сд/аб/
Фото:ЕПА