• Wednesday, 04 February 2026

Во Албанија лани приходите од изнајмување на запленет и конфискуван имот достигнале над 2,2 милиони евра

Во Албанија лани приходите од изнајмување на запленет и конфискуван имот достигнале над 2,2 милиони евра

Тирана, 4 февруари 2026 (МИА) - Агенцијата за управување со запленет и конфискуван имот на Албанија објави дека приходите од изнајмување на запленет и конфискуван имот минатата година надминале 2,2 милиони евра што е повисок износ за 39 отсто споредено со 2024 година. 

„Годишниот приход од кирија достигна околу 221,5 милиони леки (над 2.260.000 евра) во 2025 година, во споредба со 159,2 милиони леки во 2024 година. Разликата од 62,3 милиони леки претставува зголемување од околу 39 отсто на годишна основа, што е јасен показател за поголема ефикасност во управувањето со запленетиот и конфискуван имот, објави агенцијата.

Агенцијата додава дека зголемувањето на приходите од закупнина е директно поврзано со подобрувањето на добрите практики за управување, зголемената транспарентност и професионализам во управувањето со јавниот имот што потекнува од процесите на заплена и конфискација, нагласувајќи дека успеала да ги претвори овие средства во конкретни финансиски ресурси за буџетот на агенцијата.

Според истиот извор дел од овие приходи се искористени и за „директна поддршка на агенциите за спроведување на законот, со цел зајакнување на нивните капацитети во борбата против организираниот криминал, со финансирање на опрема, логистика или други оперативни потреби за институциите на правда и јавниот ред“.

„Во овој контекст, приходите од наемнини не претставуваат само финансиски показател, туку и инструмент на јавната политика, директно поврзувајќи го доброто управување со средствата со зајакнувањето на владеењето на правото. Перформансите за 2025 година потврдуваат дека активното, транспарентно и ориентирано кон резултати управување може да произведе повеќекратно влијание - финансиско, институционално и социјално, констатира Агенцијата. вт/сд/

Фото: Агенцијата за управување со запленет и конфискуван имот