• Saturday, 28 September 2024

Средба Николоски - Лазар, тема брза пруга на Коридор 10 и квалитетно поврзување на Скопје со Будимпешта

Средба Николоски - Лазар, тема брза пруга на Коридор 10 и квалитетно поврзување на Скопје со Будимпешта

Скопје, 27 септември 2024 (МИА) - Изградба на брза пруга на Коридор 10 и квалитетно поврзување на Скопје со Будимпешта, односно поврзување на Македонија преку брза пруга со пристаништата во Грција и со земјите од Централна Европа била главна тема на средбата на вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски и  министерот за градежништво и инвестиции на Унгарија, Јанош Лазар. Средбата е во рамки на работната посета на Македонија од страна на делегацијата на Владата на Унгарија која ја предводи премиерот Виктор Орбан.

-Ова е проект што ќе донесе големи придобивки за сите земји од регионот, ќе го зајакне економскиот развој и соработка меѓу земјите и ќе овозможи сигурен и брз транспорт на патници и производи. Го фаќаме последен чекор Македонија да се приклучи на напредните технолошки достигнувања во железницата во регионот и затоа овој проект е приоритетен, не само за нас туку за сите земји долж Коридор 10, истакнал Николоски.

Тој на средбата, што се одржа во Охрид, ја потенцирал важноста на поддршката на земјите од Европската Унија за реализација на еден ваков проект бидејќи како што нагласи, брзата пруга е услов за економски развој и подобра комуникација за сите земји од регионот.

На средбата се разговарало и за искустава и практики што се применуваат во двете земји во различни сегменти на транспортот, градежништвото и инвестициите.  

Министерот, исто така, информирал и за забрзаните активности за реализација на крупните капитални проекти во Македонија. Тој изразил благодарност за економската поддршка од Унгарија кон нашата земја, потенцирајќи дека средствата од заемот веќе се насочени кон општините за реализација на инфраструктурни проекти.

-Билатералните односи со Унгарија ни се на одлично ниво. Унгарија како дел од Европската Унија е стратешки партнер на Македонија и голем подржувач во реализација на стратешките цели на земјата и во делот на политичките и во делот на економските развојни политики, потенцирал Николоски по средбата.

Двајцата министри се согласиле за интензивирање на соработката и унапредување на политиките кои се однесуваат на регионалното поврзување. сст/дма/

фото: Министерство за транспорт